СДСМ покажа апетит и за општините со мнозинство Албанци
Кандидирањето на Мелекије Алими за градоначалник на општина Арачиново ги покажа првите апетити на СДСМ за освојување мандати во општини каде има мнозинско албанско население, а од истите места доби и доста гласови на парламентарните избори што беше големо изненадување.
СДСМ постојано потенцира дека е трансформирана граѓанска партија каде има место за припадници од сите етнички заедници и членовите Албанци стануваат се позначаен дел, особено во Скопје каде ќе се бие тешка битка за градската власт, но и за општини како Чаир, Кондово и Арачиново кои се јмногу значајни за ДУИ.
Во Македонија поучени од минатите искуства вообичаено коалиции на локални избори и прекројувања се прават во вториот круг на гласање кога се дава поддршка на кандидатот за кој одредена партија смета дека има повеќе шанси и тоа особено до израз доаѓало во општини со етнички мешано население како Тетово, Струга, Кичево, Дебар и дел од скопските општини.
Затоа апетитот на СДСМ за Арачиново и потенцијално други општини каде ДУИ порано беше моќен може да асоцира на една хибридна коалиција која подоцна би се материјализирала. Ваквиот потег ќе им олесни и на помалите албански партии да се договорат меѓусебе за кандидати, па дури и да се надеваат на поддршка од ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг.
