СДСМ поднесе пријава до ДКСК за тендерите од 9 милиони евра
Петар Огњеновиќ од СДСМ поднесе пријава до Државната комисија за спречување на корупција за тендерите на новоформираната фирма Дигитал Оне,која меѓудругото доби и договор од Владата од 8 милиони евра за јавна набавка на софтверски лиценци.
„Премиерот Мицкоски вчера во емисија јавно изјави дека ако објавениот скандал од СДСМ за тендерот од 9 милиони евра е корупција и криминал, нека реагираат институциите, тој нема ништо против. Еве денеска сме пред Државната комисија за спречување корупција, да поднесеме официјална пријава со сите документи, докази и информации што ги објавивме изминативе денови“, објави Петар Огњеновиќ од СДСМ.
Тој додаде дека Антикорупциска треба да постапи како институција која е прва меѓу прозваните кога фирмата основана пред една година, со само двајца вработени, добива државни тендери од речиси 9 милиони евра.
„Кога фирмата основана пред една година, со само двајца вработени, добива државни тендери од речиси 9 милиони евра, што е тоа ако не шема за испумпување пари од граѓаните? Кога од 6 дури четири милионски договори се со Генералниот секретаријат на Владата на Мицкоски тогаш што е тоа ако не фаворизирање на омилени фирми?“ рече Огњеновиќ.
