СДСМ поднесе 10.000 амандмани против предлогот за нов Изборен законик
СДСМ и коалицијата денес поднесоа 10.000 амандмани на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, предложен по скратена постапка.
Координаторите на пратеничките групи и денеска прават нов обид да постигнат консензус за Изборниот законик. На средбата во Собранието се разговара за забелешките на пратеничките групи од опозицијата и најавените илјадници амандмани.
Премиерот Христијан Мицкоски денес рече дека е подготвен да ги прифати сите нивни барања, вклучително и рамноправно медиумско претставување, како што бараат од Левица и една изборна единица, но со изборен праг.
Сепак, инсистира да се воведе електронско гласање на дијаспората, против кое се од СДСМ.
Изборниот законик вака како што е предложен не е ниту европски, ниту демократски, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче на денешната прес-конферениција.
Филипче посочи дека сегашното предложено законско решение, особено во делот на гласањето на дијаспората по електронски пат, отвора сериозни сомнежи за регуларноста и легитимноста на изборниот процес.
