СДСМ обвинува: Долгот од Владата се префрла „на врат“ на јавните претпријатија
Владата ги крие податоците за јавниот долг, а на веб страницата на Министерството за финансии последниот годишен извештај за долгот е од 2009 година, обвини пратеникот од СДСМ Марјанчо Николов на денешната собраниска седница, на која по иницијатива на опозициските пратеници се расправа за висината, структурата, транспарентноста и намената на јавниот долг на Република Македонија.
„Се објавува само долгот на централната Влада, што е дел од јавниот долг. И овие податоци треба да не загрижат. Покажуваат дека од 2008 година долгот е практично дуплиран и изнесува 2 милијарди и 727 милиони евра, или 34 проценти од БДП. Во 2013 година Владата се обидува преку префрлање на дел од долговите од државата на јавните претпријатија во државна сопственост да го намали и сокрие долгот на централната Влада“, тврди Николов.
Според него, Владата живее на кредит, оти секој граѓанин го задолжила со уште по 650 евра, а државата ја придвижува со задолжување кон состојбите во соседна Грција. Пратениците од владејачкото мнозинство не се согласуваат и сметаат дека Македонија е далеку од црните должнички сценарија. „Кажавте дека државата зема кредити, но не и оти враќа пари од кредити кои ги зела вашата влада“, вели Ромео Тренев од ВМРО-ДПМНЕ. Тој додава дека оценките од меѓународните финансиски институции покажуваат оти Владата добро се снаоѓа со јавните финансии, укажувајќи на извештајот на Светска банка според која Македонија е четврта најниско задолжена земја во Европа. На собраниската расправа по иницијатива на опозицијата не присуствуваат претставници на Владата Собранието треа да продолжи со работа во 15 часот, по редовната и паузата на барање на ДПА.
Слично
