Економија, финансии, бизнис

Контакт

СДСМ обвини за криминално градење на Плаошник

СДСМ обвини за криминално градење на Плаошник

Роберт Алаѓозовски, претседател на комисијата за култура на СДСМ, обвини дека на локалитетот Плашник се гради неконтролирано и на штета на културното, верско и историско наследство. 

„Сите се згрозени од криминалното градење на Плаошник. Екологистите се згрозени од уништувањето на боровата шума која е природна атракција и туристички бисер на Охрид. Туристите се згрозени од забранетиот пристап и уништувањето на преубавиот поглед на Плаошник. Верниците се згрозени од сквернавењето на верските симболи. Архитектите се згрозени од бетонски чудовишта кои трајно го цементираат Плаошник. Археолозите се згрозени од уништувањето и засенувањето на вредните археолошки наоди. Експертите за културно наследство и УНЕСКО се згрозени од неподносливата леснотија со која се уништува постоечко и потенцијално културно наследство“, посочи Алаѓозовски.

Од Завод и музеј Охрид возвратија дека Алаѓозовски недозволено снимал политичка порака на Плаошник и дека неговите наводи не се точни.

„Недолично е за еден интелектуалец, најсветото место на територијата на Република Македонија – археолошкиот локалитет Плаошник да го нарекува место на злосторство. Целиот простор има посебно културно, историско, духовно и религиозно значење за градот, за Република Македонија и пошироко. Фактот што тука било седиштето на Охридската книжевна школа од IX и X век, претставува атрибут заради кој охридскиот регион како исклучителнa универзална вредност поседува и научно-образовна вредност. Како археолошки локалитет, пак, Плаошник е еден од многуте вредности на охридскиот регион што значајно придонесуваат кон неговата исклучителна универзална вредност“ соопштија од Завод и музеј Охрид.

Посочија и дека исечена е само мал дел од шумата на Плаошник за што дозвола е издадена кога градоначалник бил од редовите на СДСМ, со цел да се овозможи целосно археолошко истражување на локалитетот.


Слично

Поврзани вести