Економија, финансии, бизнис

Контакт

СДСМ обвини дека таткото на Нелоски е во бизнис релации со фирма за тендери, шефот на кабинетот на Мицкоски демантира

СДСМ обвини дека таткото на Нелоски е во бизнис релации со фирма за тендери, шефот на кабинетот на Мицкоски демантира

Од СДСМ денес реагираа дека таткото на Владимир Нелоски,шеф на кабинет на премиерот Христијан Мицкоски, има бизнис релации кои водат до фирмата „Пирамид билдинг солушнс“, добитник на голем број на тендери во последно време од општини каде што градоначалници се кадри од ВМРО-ДПМНЕ.

„Денеска откриваме нова бомба, нов скандал, оваа пирамидална мрежа на тендери и фирми води директно до кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски и неговиот шеф, Владимир Нелоски.

Еве како.

Оливера Доновска, сопругата на газдата на Пирамид билдинг солушнс, Петар Доновски, е сопственичка и управителка и на трговската фирма со облека ТРГО СТРОЈ ДОО Скопје, основана 2019 година.

По доаѓањето на власт на ВМРО, или точно на 11.04.2025 година, како содружник во фирмата ѝ се приклучува Јовица Нелоски.

Кој е Јовица Нелоски? Татко на Владимир Нелоски, шеф на кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски.

Дали сега е јасно?

Во ВМРО секој функционер или негов роднина има фирма. А како што покажавме имаат и тендери“, обвини генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ

На ова по кратко време се огласи Владимир Нелоски, кој реагираше дека неговиот татко има свој бизнис но дека нема никаква поврзаност со добиени тендеро.

„Ја гледам онаа тирада на нечесни и валкани прес конференции на СДС партијата која е петта во градот Скопје и трета во државата. Тие изобилуваат со невистини, креирани информации и полу информации. Тие треба да го свртат вниманието од комплетното растројство и дезорентираност во просторот на раководството на СДС и Венко Филипче и тој пусти страв од одговорност која знаат дека ја имаат. Мојот татко е дел од спомената приватна фирма, која не учествува на државни тендери, ниту има добиено тендери. И на никаков начин не може да носи одлуки за државните пари.

Како и секој човек, па и мојот татко кој цел живот работи чесно во приватниот сектор има право да работи, а впрочем истиот со трговија започнал да се занимава уште пред осамостојувањето на Македонија.

Колегите од СДС треба да знаат дека со невистини, лаги и манипулации не се добива довербата така се губи и целосно паѓа сликата за партијата која денес е потопена со криминал и корупција, со лични интереси и фракции

И бидејќи сум чесен и искрен, а сметам дека тоа треба да е клучен принцип во политиката нека не поставуваат прашања од СДС туку нека ги изнесат информациите во потврдна форма за поднесам соодветна тужбена постапка за клевета пред надлежните органи.“, напиша Нелоски на социјалните мрежи.


Слично

Поврзани вести