СДСМ обвини дека Мицкоски повторно му диктира задачи на Обвинителот
Од СДСМ велат дека премиерот Христијан Мицкоски повторно му диктира задачи на Обвинителот и дека Ненад Савески треба да си поднесе оставка.
„Имаме скандалозно признание на Мицкоски дека разговарал со јавниот обвинител Ненад Савески, од позиција на премиер и му дал насоки како да постапува Обвинителството. Мицкоски вели, цитирам: „ако тоа не се случи, тогаш обвинителството дефинитивно го губи својот кредибилитет“. Што е ова? Чиста наредба. Како што правеше од собраниска говорница, како што прави од телевизија, сега повторно, нова наредба на Мицкоски за јавниот обвинител кој самиот го избра и го постави. Секој што се огрешил нека одговара, но не може премиерот да врши притисок врз обвинителот, односно да му наредува. Судството и обвинителството во Македонија се под целосна контрола на Мицкоски и неговата организирана криминална група. Затоа нема правда во Македонија и затоа нема реформи, затоа сме заглавени и со блокиран европски пат. Мицкоски не ги исполнува реформите затоа што не сака независно судство, не сака Европско јавно обвинителство затоа што тоа би значело правда и крај на заштитата на криминалците на власт. Мицкоски елиминираше некои независни кандидати кои ги нарече „медиокритети“! Што е ова? Секој што нема да го исполни тоа што го бара, станува медиокритет и талог на општеството. Новиот јавен обвинител, Савески, откако е дојден на функцијата, работи по нарачка на Христијан Мицкоски. Мицкоски дава наредби – Савески исполнува“, изјави Аександар Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.
Оттаму додаваат дека ако сака да сочува малку лично достоинство, најмалку што може да направи Савески е да си даде оставка, уште денеска.
