СДСМ нема да ги насочува гласачите: „Секој да гласа по сопствено убедување“
Лидерот на СДСМ Венко Филипче вели дека има притисоци врз нивните членови од полицијата, од УЈП и повеќе институции.
„Јасно е дека тоа е карактеристика секогаш кога се на власт, да го користат државниот апарат и да прават поткуп“, вели Филипче.
Вели, овие избори се шанса дека народот не се купува и не може да се излаже, со барање за поддршка од сите граѓани.
„Во општините каде што СДСМ нема кандидат, сакам да бидам многу јасен: Не навлегуваме и не навлеговме во калкулации и задкулисни договори. Секој граѓанин, симпатизер, секој член, има право да одлучи согласно сопственото убедување, според тоа кој кандидат носи вредности блиски до социјалдемократските вредности, за чесно владеење, почит и развој. Сметам дека треба да продолжи трендот на пад на оваа владејачка гарнитура и тоа беше евидентно, повеќе од 140 илјади гласови изгуби ВМРО-ДПМНЕ за нешто повеќе од една година и тоа е јасен знак дека опозициското расположение расте. Очекувам тоа да се засили во периодот по изборите“, рече Филипче.
Вели дека гласањето е најсилен протест против неспособноста и најсилен отпор против апатијата. Додаде и дека ќе излезе и ќе гласа во вториот круг на изборите.
„Во недела секој глас може и ќе направи разлика. Ве повикувам да излеземе масовно на гласање. Гласајте и изберете локална власт која е вистински сервис на граѓаните, за кандидати кои нема да ја затворат вратата, туку ќе биде отворена секогаш кога ќе има потреба граѓаните да бидат слушнати“, додаде лидерот на СДСМ.
