СДСМ: Мицкоски сфати дека мора да го апси Груевски
СДСМ упати сериозни обвинувања кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, тврдејќи дека неговите потези се насочени кон зацврстување на личната власт, а не кон спроведување на реформи.
Од партијата наведуваат дека Мицкоски, откако ја прифатил можноста за внесување на Бугарите во Уставот, сега наводно гледа потреба и од апсење на поранешниот премиер Никола Груевски, со цел да создаде подобра слика пред меѓународната заедница.
Според СДСМ, ваквите чекори се обид да се прикаже како политичар ориентиран кон Европската унија, но во суштина, како што тврдат, станува збор за стратегија за продолжување на владеењето.
Во соопштението се наведува дека Мицкоски ја консолидирал моќта во партијата, елиминирајќи ги внатрешните конкуренти, како и дека води кампањи против поединци во сопствените редови.
СДСМ обвинува дека евентуалното апсење на Груевски не би било во функција на правда, туку како политички потег за зацврстување на позициите.
Партијата воедно упати критики и за, како што наведува, користење на пропаганда и ширење дезинформации, со цел влијание врз јавноста и продлабочување на поделбите во општеството.
Од СДСМ порачуваат дека граѓаните треба внимателно да ги следат политичките процеси, оценувајќи дека, како што велат, „доаѓа времето на вистината“.
