СДСМ ќе поднесе кривична пријава за полициските командири од Кочани
„Законот за јавни собири јасно упатува на тоа за кои јавни собири е одговорна полицијата. Според информациите на овој настан имало 650 луѓе. Согласно законот, полицијата била должна да има оперативни сознанија за настанот и соодветно да го обезбеди овој настан дури и во случај ако тој не е пријавен од организаторот. МВР во Кочани тоа не го направиле. Ако МВР постапеле согласно законот, ќе имало обезбедено на Противпожарна бригада, Брза помош, соодветен број полициски службеници и сите пропратни безбедносни мерки за ваков тип настани, со што несреќата можела дури и да се превенира.
Од снимките вечерта се гледа дека полицијата била присутна во објектот. Ова значи дека знаеле за настанот, но не го обезбедиле соодветно.
Со ова се поставува прашањето, дали сите надлежни од МВР таа вечер сториле кривично дело со несторување односно непостапување? Дали се изземени од одговорност службеници, началници и командири кои вечерта биле на должност? Доколку истрагата во продолжение не ги опфати и нив, СДСМ со својот правен тим ќе поднесе соодветни кривични пријави.
Ова е последен повик до институциите: направете го она што ви е должност. Немојте да терате селективна правда. Токму тоа е она против кое се борат граѓаните.
СДСМ ќе продолжи да ги објавува сите детали и да ги поставува сите правно издржани прашања, кои укажуваат на сериозни пропусти и кривични одговорности за лица за кои во моментов нема информации дека се дел од истражната постапка или се во притвор. Целта е една – правда и вистина“, објави Костовски.
