СДСМ ќе го достави предлог законот за бесплатно болничко лекување меѓу првите во Собрание
СДСМ која има помалку од 20 дена да го формира новиот владин кабинет соопшти дека еден од првите предлог закони кои ќе ги поднесат во Собрание е Предлог законот за измени и дополнувања на законот за здравствено осигурување.
Од партијата на мандатарот Заев соопштуваат дека овој предлог веќе е подготвен и со него ќе обезбедат бесплатно болничко лекување за сите осигуреници.
„Со измените, целосно ја укинуваме болничката партиципација за сите осигуреници. На овој начин никој нема да остане без болничка услуга само заради тоа што нема пари да плати“, изјави д-р Злате Мехмедовиќ, член на Комисијата за здравство на СДСМ.
Мемедовиќ повикувајќи се на официјален извештај на Фондот за здравствено осигурување за 2016 година, посочи дека лани болничко лекување користеле 220.000 граѓани.
„Може само да се претпостави какво финансиско олеснување би било за осигурениците доколку не требале да платат болничка партиципација.
Според наши проценки околу 420 милиони денари годишно досега граѓаните плаќале за да се лекуваат во болниците.
Како што е предвидено во Програмата на новата Влада, а тоа е преточено и во законот, овие трошоци на граѓаните ќе ги покрива државата“, рече Мемедовиќ.
Тој потсети дека податоците на народниот правобранител дека граѓани не можат да добијат отпусно писмо, додека не платат партиципација се алармантни.
Додаде и дека новата влада се обврзува на достапно, квалитетно, професионално и современо јавно здравство.
