СДСМ ќе го анализира противникот од ВМРО-ДПМНЕ па ќе одлучи во март
Социјалдемократскиот сдојуз до крајот на неделата ќе одлучи дали ќе оди на предвремени парламентарни избори, а кандидатот за претседателските избори ќе го открие дури во март, дознава Дојче Веле.
„По враќањето на премиерот од Софија, започнуваат разговори и консултации за барањето на опозицијата за вонредни парламентарни избори. По сите анализи, се очекува и Извршниот одбор на СДСМ да излезе со свој став до крајот на неделава“, изјавиле високи партиски извори.
Од таму велат дека на изборот на претседателскиот кандидат ќе влијае и одлуката на ВМРО-ДПМНЕ на 16 февруари со кој ќе се трка од своите редови. Од владеачката партија тврдат дека затоа ќе го направат својот избор во март, бидејќи сакаат да го анализираат противникот.
Извршниот одбор на СДСМ до крајот на неделата треба да изгради став дали заедно со претседателските, треба да се одржат и предвремени парламентарни избори, а воп меѓувреме ќе има и консултации со коалициските партии, иако натежнува притисокот од трансатлантската заедница фокусот да продолжи на реформите.
Неофицијално, според двете спроведени анкети, сепак ќе се избира меѓу четворката - Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска, Никола Димитров и Стево Пендаровски, иако премиерот Заев најави дека се работи за десетина.
