СДСМ и Заев во благо водство пред ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски - анкета на М-проспект
СДСМ е во благо водство пред ВМРО-ДПМНЕ, покажува последното истражување на јавното мислење на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС).
Разликата во рејтинзите на двата најголеми политички ривали е нешто помалку од два процентни поени.
Станува збор за анкета анкета спроведена од агенцијата „М-проспект“, на терен, на репрезентативен примерок од 1.000 полнолетни испитаници.
Ако утре се одржат парламентарни избори, 22,1 отсто рекле дека ќе гласаат за СДСМ, наспроти 20,4 проценти за ВМРО-ДПМНЕ.

Кај партиите на Албанците, ДУИ е во предност. Оваа владејачка партија сега има рејтинг од 6,6 отсто, а следува Алијанса за Албанците, со поддршка од 2,6 проценти, па БЕСА со 1,5 отсто, ДПА со 0,9 отсто, и Алтернатива, која е дел од Владата, има рејтинг од 0,8 отсто.
ВМРО-ДПМНЕ, говори анкетата, останува да биде партија со најголема поддршка од етничките Македонци, со рејтинг 27,9 отсто. Тоа е за 3,6 процентни поени поголема поддршка од онаа што ја има СДСМ има кај оваа етничка група, или 24,3 отсто. Додека, пак, СДСМ има поддршка и кај етничките Албанци. ДУИ е партија со најголема поддршка кај етничките Албанци, и тоа 30,3 отсто, по неа е СДСМ, со 13,6 отсто, па Алијанса за Албанците, со 11,8 отсто, и БЕСА на Билал Касами, со 7,1 процент.
Најголем дел од испитаниците, 41,3 отсто, рекле дека немаат доверба во ниту еден политичар, а изразиле и целосна недоверба кон актуелната политичка елита. Другата половина од анкетираните најголема доверба имаат во премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, а на второ место е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Сепак, споредбено со истражувањето спроведено во ноември 2018 г.,
довербата во Заев паднала за 4,9 процентни поени, додека пак довербата во лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е зголемена за 6,8 отсто.
Ако се изземат испитаниците што рекле дека ниту еден од политичарите не заслужува доверба, етничките Македонци во најголем број довербата му ја дале на Христијан Мицкоски, 19,3 отсто, лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски, пак, нема доверба од етничките Албанци. Тие граѓани, пак, најголема доверба имаат во лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и тоа 31,8 отсто, но имаат доверба и во лидерот на СДСМ и актуелниот премиер Зоран Заев, со 13,7 проценти. На трето место кај оваа категорија, со 13,7 отстое, е лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, со 10,4 отсто.
Лидерот на СДСМ и актуелниот премиер, Зоран Заев, ужива доверба и во двете етнички групи, односно 17 отсто од Македонците и 13,7 проценти од Албанците.
На прашањето дали СДСМ заслужува повторно да биде избран на следните парламентарни избори, 33,8 процентни поени од испитаниците сметаат дека владејачката партија заслужува уште еден мандат, додека високи 53,9 процентни поени не го делат овој став.
А, мнозинство, односно 58,7 отсто одговорило негативно на прашањето дали опозициската партија заслужува да биде избрана на следните парламентарни избори. Малцинство од испитаниците на ова прашање одговориле позитивно, 22,3 отсто.
Регионално гледано, СДСМ најголема поддршка има во Југоисточниот регион, 31,7 отсто, и Источниот регион, 28,6 отсто. Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ најголема поддршка има во Југозападниот регион, 38,1 отсто, и Вардарскиот регион 32,5 отсто. Партијата која има најголем рејтинг во албанскиот блок – ДУИ најголема поддршка има во Југозападниот регион, 16,8 отсто и Полошкиот регион, 15,8 отсто.
