СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ СЕ ЈАВИЈА СО РЕАКЦИЈА ЗА ГРУБИ: Договор или одлука на Обвинителството кое има 2 отсто доверба?
Од СДСМ велат дека одредувањето куќен притвор за Артан Груби е потврда дека сè е договорено.
Велат дека судството и обвинителството се ставени под директна контрола на премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста“, додаваат од СДСМ.
Прашуваат ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор.
„На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, стои во реакцијата на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ прстот за ваквата одлука го вперија кон Обвинителството за кое велат дека е истото Обвинителство кое има два отсто доверба. „Одлуката за домашен притвор е на Обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Велат дека СДСМ се во паника затоа што Груби може да проговори за, како што велат, криминалите на Зоран Заев и Венко Филипче. Груби беше во бегство и доби куќен притвор откако утрово се појави на граничниот премин Блаце.
