СДСМ и ДУИ денеска го објавуваат својот кандидат за претседател, ќе се избира меѓу тројца
Владините коалициони партнери СДСМ и ДУИ денеска ќе го обелоденат името на заедничкиот кандидат за претседател на Македонија на изборите што следуваат. Двете партии пред некоку дена донесоа ваква одлука, иако одредени политички и интелектуални кругови не се согласуваат дека терминот што го користат како „консензуален кандидат за претседател“ не е соодветен во вистинска смисла на зборот.
Во игра се три имиња: актуелните министри, Оливер Спасовски и Никола Димитров и Стево Пендаровски, националниот координатор за НАТО. Се верува дека кај ДУИ предност има министерот за внатрешни работи Спасовски, па останува да се види дали тоа ќе биде пресудно.
Инаку вчера зад кандидатурата на професорот Блерим Река застанаа двете албански опозициски партии, Алијанса за Албанците и Движење Беса, со што автоматски тие ја напуштија можноста да поддржат ист кандидат со ДУИ и СДСМ.
„Движење Беса и Алијанса за Албанците ја поддржуваат кандидатурата на проф. д-р Блерим Река за претседател на Република Северна Македонија. Како опозициски партии, сметаме дека претседателските избори немаат смисол без албански кандидат бидејќи Албанците би се свеле само како гласачи кои гласат, но не и како политички субјект за кој треба да се гласа“, велат од Алијанса за Албанците и движењето Беса.
Овие денови се очекува да се произнесат и партиите кои се во владина коалиција, ДПА, Алтернатива и НДП. Голема е веројатноста да дадат поддршка за кандидатот на власта.
ЛДП е на стенд-бај и чека да види кој ќе биде избран кај поголемите парламентарни партнери, а следната недела ќе одлучи дали ќе оди со докторот Никола Пановски на избори.
