СДСМ: Груевски подготвува ново бегство
СДСМ обвини дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски подготвува ново бегство, додека премиерот Христијан Мицкоски, според нив, сѐ уште не презел конкретни чекори за негово враќање во земјава.
Од партијата тврдат дека во услови кога блиски луѓе до екс унгарскиот премиер Виктор Орбан префрлаат средства во трети држави, Груевски подготвува заминување во нова земја.
„Додека во Унгарија луѓето на Орбан масовно бегаат и префрлаат пари во Обединетите Арапски Емирати и други далечни земји, Никола Груевски, осудениот криминалец, подготвува ново бегство“, соопштија од СДСМ.
Велат дека Груевски, кој, според нив, поседува повеќе пасоши, планира да замине во трета држава, сценарио за кое тврдат дека го најавувале подолг период.
Партијата упати директни обвинувања кон премиерот Мицкоски, наведувајќи дека не е испратено ниту едно барање за екстрадиција.
„А што прави Мицкоски? Сѐ уште не испратил ниту еден документ за екстрадиција, ниту ново барање“, наведуваат од СДСМ.
Во соопштението се додава дека, според нив, не се преземени ниту чекори за расчистување на правните постапки поврзани со Груевски, што, како што оценуваат, укажува на политичка заштита.
„Мицкоски сѐ уште не обезбедил да се поништат процесите против Груевски во Македонија, ниту го подготвил теренот за негово враќање. Знае дека ако го апси, ќе го изгуби рејтингот кај своите членови. Затоа го штити со сите сили“, се вели во реакцијата.
Груевски пред неколку години избега од Македонија во Унгарија, каде доби политички азил и тврдеше дека во Македонија во затвор ќе му биде загрозена сигурноста.
СДСМ тврдеше дека Груевски освен унгарски, има и српски пасош.
Новата унгарска власта кажа дека не сака Унгарија да биде засолниште на криминалци.
