Економија, финансии, бизнис

Контакт

СДСМ: Граѓаните осиромашуваат – мерки нема

СДСМ: Граѓаните осиромашуваат – мерки нема

Опозициската СДСМ обвини дека Владата не презела конкретни мерки за заштита на животниот стандард, и покрај тоа што, како што велат, поминале повеќе од 60 дена од почетокот на кризата на Блискиот Исток.

– Помина и Велигден, а иако Мицкоски најавуваше нови мерки по празниците, тие не се реализираа. Наместо тоа, продолжија поскапувањата – изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Од партијата посочуваат дека цените на храната и основните производи секојдневно го намалуваат стандардот на граѓаните, повикувајќи се на податоци од Државниот завод за статистика.

– Зеленчукот е поскапен за над 38 проценти, овошјето за над 10 проценти, а продажните цени во земјоделството за 23 проценти. Ова не се само бројки, туку реалност со празни фрижидери и празни џебови – велат од СДСМ.

Партијата тврди дека веќе два месеци растат цените и на месото, зејтинот, јајцата и другите основни производи, оценувајќи дека животот на граѓаните станува сè потежок.

СДСМ предлага пакет мерки, меѓу кои намалување на ДДВ за храна на нула проценти, намалување на акцизите, намалување на ДДВ за горивата на 5 проценти и поевтинување на патарините.

– Владата сега најавува дел од овие мерки, но во фази – доцна и недоволно – додаваат од партијата.

Во споредба со други европски земји, од СДСМ велат дека Македонија заостанува во одговорот на кризата, наведувајќи примери како Хрватска, Ирска и Германија кои веќе презеле конкретни чекори за поддршка на граѓаните и економијата.

Во соопштението се изнесуваат и економски податоци, според кои странските инвестиции се намалиле за 60 проценти, а долгот за поврат на ДДВ достигнал 180 милиони евра. Исто така, се посочува дека во изминатиот период се затворени десетици фабрики, при што над 1.500 работници останале без работа.

– Реалноста е дека граѓаните осиромашуваат. Потребни се итни мерки за намалување на цените и поддршка на економијата – порачуваат од СДСМ.


Слично

Поврзани вести