СДСМ ги подели електронските картички за гласање в недела
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ги подели персонализираните картички со кои членовите на владеачката партија в недела ќе може да гласаат на внатрепартиските избори во кои сепак единствен кандидат за претседател е актуелниот лидер Зоран Заев.
„Новите персонализирани електронски картички веќе се во рацете на членовите на СДСМ. Социјалдемократското семејство е доволно големо, силно и обединето.
Со помош на новите електронски картички и документ за идентификација, активно регистрираните членови ќе гласаат в недела на 21 март, на првите директни внатрепартиски избори за избор на Претседател на СДСМ. СДСМ се менува, СДСМ се демократизира, СДСМ се модернизира!“, објави СДСМ.
Изминатиот период СДСМ го ажурираше своето членство, по што објави дека партијата има повеќе од 80.000 членови. На 21 март ќе се одржат првите внатрепартиски непоосредни избори, на кои секој член ќе може да гласа за новиот претседател на СДСМ.

