СДСМ е позаслужен за Законот за јазици од ДУИ: Мухамед Зекири им порача да не се китат со туѓи перја
Мухамед Зекири, пратеникот во македонското Собрание од редовите на СДСМ, им порача на ДУИ да не се китат со туѓи перја, алудирајки на тоа дека неговата партија е позаслужна за донесувањето на Законот за јазици и неговото денешно стапување на сила.
Се очекува денеска Законот за јазици да биде службено објавен,.откако собранискиот спикер Талат Џафери вчера објави дека по една година откако е донесен го испратил во Службен весник, иако без потпис на указот од претседателот Ѓорѓе Иванов.
,,Речиси една декада на власт со ВМРО ДПМНЕ глас не им се слушна. Денеска со толкава помпезност и пофалби сакаат да се китат со туѓи перја.
Заслугите за отворање на вратите на Македонија за членство во НАТО и ЕУ, како и за официјализирањето на албанскиот јазик, им припаѓаат на граѓаните кои го прифатија концептот ,,Македонија едно општество” за сите!!!
Без еуфорија, Ве молам. Граѓаните најдобро знаат кој работи за нивно добро“- напиша партискиот функционер на СДСМ на својот профил на ФБ.
Ваквата реакција на Зекири следуваше откако повеќе функционери на ДУИ објавија дека Законот за употреба на албанскиот јазик е објавен во Службен весник. Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи синоќа во телевизиско гостување наведе дека сега со албанскиот јазик, како втор официјален во Македонија, претседателот на Собранието ќе може да ги води седниците на својот мајчин јазик.
