СДСМ до ВМРО-ДПМНЕ: Не ги манипулирајте граѓаните за пописот, ќе следуваат казни
СДСМ испрати реакција на најавата на ВМРО-ДПМНЕ за собирање на потписи за нов законски предлог со кој ќе се бара поништување на законот за попис на населението. Од „Бихаќка“ велат дека најголемата опозициска партија со тоа ги манипулира граѓаните да ја бојкотираат статистичката операција која треба да се реализира до 21 април и дека поради тоа ќе им бидат испишани казни.
„Деструктивното однесување на ВМРО-ДПМНЕ околу собирањето на потписи и повикувањето на граѓаните да го бојкотираат пописот е крајно антидржавно однесување. ВМРО-ДПМНЕ ги манипулира граѓаните и ги поттикнува на непочитување на законите, иако знае дека за лицата кои не сакаат да се попишат следуваат казни.
Опозицијата да не го партизира пописот и да не ги инволвира граѓаните за нивни партиски поени, бидејќи на сите им е јасно колку е значајна оваа статистичка операција и колку е голема должноста на сите граѓани да се вградат во нејзиното спроведување“, се вели во предупредувањето на владеачката партија.
Според СДСМ, пописот на населението што за прв пат по цели 19 години ќе се одржи на пролет, е од исклучителна важност за нашата држава и за креирањето на идните државни, економски, здравствени, образовни, културни политики и стратегии, суштински за напредокот на државата.
Од таму тврдат дека Законот за попис, усвоен во Собранието, гарантира одржување на оваа значајна статистичка операција според меѓународните стандарди. СДСМ е убеден дека оваа пролет ќе има попис.
