Економија, финансии, бизнис

Контакт

СДСМ до својот градоначалник во Крива Паланка: „Градоначалниче, референдум!“

СДСМ до својот градоначалник во Крива Паланка: „Градоначалниче, референдум!“

СДСМ преку соопштение му се обрати на градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, барајќи да распише референдум на кој граѓаните ќе одлучат дали сакаат отворање рудник за антимон во нивниот регион.

Од партијата посочуваат дека одлуката за ваков проект не смее да се носи без директно изјаснување на локалното население.

– Народот на Крива Паланка треба да се праша преку референдум за рудникот за антимон. Градоначалникот не може да одлучува сам – се наведува во соопштението.

СДСМ нагласува дека не се против инвестиции, но се против, како што велат, проекти што можат да го загрозат здравјето на граѓаните.

– Копањето антимон е една од најтоксичните рударски дејности во светот и носи сериозни здравствени ризици – велат од партијата, посочувајќи на можни последици како респираторни заболувања, оштетување на органи и зголемен ризик од рак.

Како пример го наведуваат случајот со рудникот Лојане, каде, според нив, последиците од загадувањето се чувствуваат и денес.

– Се ветуваат работни места, а на крајот остануваат загадена вода, почва и сериозни здравствени проблеми – додаваат од СДСМ.

Во соопштението се упатуваат и политички критики, при што се бара градоначалникот да ги слуша граѓаните и да овозможи тие сами да одлучат за проектот.

– Градоначалниче – референдум! Нека граѓаните на Крива Паланка сами одлучат – порачуваат од СДСМ.


Слично

Поврзани вести