СДСМ: Брзо ќе се вратиме на демократските процеси со избор на спикер и нова реформска влада
СДСМ очекува во најскоро време да продолжат демократските процеси со избор на нов претседател на Собранието и мандатат за формирање нова Влада според мнозинската волја на граѓаните.
- Недозволиво е за нафтени платформи и бизниси до последен момент на Сашо Мијалков и Никола Груевски, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја блокираат работата на Собранието, а Ѓорге Иванов да не го дава мандатот за да штитат криминали на сметка на државните интереси.
Затоа е таква последната јасна порака од лидерите и институциите на ЕУ, што во Македонија ја пренесе претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск лично до Иванов, сметаат од СДСМ.
- Потребни се демократски начела, пристојност и здрав разум! Затоа е таква и вчерашната порака на амбасадорот на САД, Џес Бејли, дека на декларираното мнозинство според Устав и закон мора да му се овозможи да го избере новиот претседател на Собранието, како и да се овозможи натамошно одвивање на процесите со брзо формирање на новата Влада!
Имаше кредибилни избори, има мнозинство според Уставот, Ѓорге Иванов и Собранието мора да дозволат процесот да се придвижи напред.
Иванов и Груевски не смеат повеќе да работат на создавање бинационална држава и да го кочат заедништвото, кое е јасно нагласено за напредувањето на Македонија кон членството во ЕУ и НАТО.
Реформските процеси се врвен приоритет во Програмата на новата реформска Влада на унитарна Македонија, којашто обезбедува владеење на правото и квалитетен живот во едно општетство за сите граѓани. И ова е единствениот документ кој ги обединува сите граѓани и сите политички партии во Собранието, освен ВМРО-ДПМНЕ што граѓаните ја оставија во опзиција. Неопходно е Груевски да се помири со тој факт.
Тој нема кого да интегрира. Граѓаните се одлучија за промена на криминалната власт.
И волјата на мнозинството ќе биде испочитувана. Македонија ќе добие нова реформска Влада која ќе ги врати демократијата, правдата и слободата, соопштуваат од СДСМ.
