СДСМ: Братучедот и таткото на Максим Димитриевски продале земјиште за „Лидл“ од 250.000 евра
СДСМ денеска реагира дека таткото и братучед на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски биле сопственици на земјиште кај ЧИК Куманово, кои го продале за 250.000 евра на кумот на лидерот на ЗНАМ, апо само неколку дена тој му го продал за 600.000 евра на синџирот маркети.
„Но сега внимавајте, само два месеци подоцна, друга парцела која е во сопственост на таткото и братучедот на Димитриевски, е купена од кумот на Димитриевски, Драган Митевски, за 250.000 евра. По само неколку дена, истата парцела е препродадена на „Лидл“ – за 600.000 евра. Кумот на Димитриевски, кој го купил земјиштето од фамилијата на Димитриевски, заработил 350.000 евра – за неколку дена. Без бизнис, без инвестиција, без ризик. Само со купи-продај!
Почитувани граѓани, ова е корупција чиста како солза! Може ли Димитриевски да ги поучи граѓаните како со купување и препродажба на земјиште за неколку дена се прави профит од 350.000 евра?
Да ја потсетиме јавноста, дека првиот обид за носење на ДУП-от пропадна заради судир на интереси на советникот на ЗНАМ. Откако ова не им успеа, Максим Димитриевски и Кумот решаваат да го донесат овој ДУП по секоја цена и наоѓаат нов начин.
Тука во пресрет им излегува наводно лутата опозиција против која Максим се бори – а тоа е ДУИ. Со помош на гласовите на ДУИ, вчера општината го усвојува ДУП-от.
Ова е класична шема на тргување со влијание. Ова е злоупотреба на службена положба. Ова е корупција на дело. Градоначалникот сè уште се обидува да се скрие зад закони и процедури, додека негови блиски роднини, кумови и политички соработници прават бизнис на грбот на државата и граѓаните“, реагира СДСМ.
Од опозициската партија прашуваат како од сите парцели во Куманово, кај „Лидл“ завршува имот на семејството на Димитриевски?
„Како тоа за неколку дена пораснала цената на земјиштето повеќе од двојно?Дали реномирана компанија е намерно навлечена да плати повеќе? Колку пари од оваа зделка во џеб има ставено градоначалникот и неговата фамилија?
Како тоа ДУИ, која на хартија е опозиција, гласа за предлог на градоначалник кој нема мнозинство? Нели ДУИ беа оние против кои се бореше ЗНАМ на Максим Димитриевски? Или кога е бизнис во прашање добри се? Дали е точно дека за да изгласаат, им е ветена противуслуга на поединци?“,прашува СДСМ.
Од таму упатија повик до Обвинителството да поднесе кривични пријави за злоупотреба на службена положба, тргување со влијание и потенцијална корупција.
Слично
