Економија, финансии, бизнис

Контакт

„СДСМ бил факелот што го покажувал патот кон излезот, така ќе биде и сега“: Филипче од 31. Конгрес во Скопје

„СДСМ бил факелот што го покажувал патот кон излезот, така ќе биде и сега“: Филипче од 31. Конгрес во Скопје

Низ историјата, кога и да се спуштал мрак, кога и да владеел страв, СДСМ бил факелот што го покажувал патот кон излезот. Така беше во 90-тите, така беше во 2016 година, и така ќе биде и сега. 

Други ја гледаат Македонија како плен, како територија за владеење. Ние ја гледаме како дом.

Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во неговото обраќање на почетокот од 31. Конгрес што денеска се одржува во Скопје.

- Ние нудиме нешто друго, ниво, поинаку. Мора да понудиме засолништето од ова лудило. Нашата платформа и програма е договор со секој граѓанин. Ние нудиме економија на достоинство, економски патриотизам, економски модел во кој централна фигура е човекот и неговите потреби. Економска стратегија која се фокусира на тоа како парите кои вие ги плаќате во буџетот да се вратат повторно кај вас, преку повисоки плати, подобро образование, подобро здравство, повисоки пензии - додаде претседателот на СДСМ.

Пред присутните, Филипче подвлече дека СДСМ се залага, не само за едноставна мала плата, туку за достоинствена плата за живот.

Потоа се осврна и на актуелните случувања.

- Погледнете што се случува надвор. Погледнете ја реалноста – не онаа од лажниот ПР на владата, туку онаа од фрижидерот на работникот. Што ни донесоа овие речиси две години власт? Ни донесоа брутално отрезнување. Ветија гордост, а донесоа питачки стап. Ветија реформи, а донесоа грабеж од епски размери – тендери за блиски луѓе и ограбување на европски пари.

Ова не е само неспособност. Кога не се чисти снег или ѓубре во Скопје – тоа е неспособност.

Но кога се креира буџет за 2026 година со дупка од 2 милијарди евра и се оди кон ново задолжување, тоа не е грешка. Тоа е осмислен грабеж на државата. Финансиско злосторство против иднината на децата.

Тие пари не исчезнуваат. Тие завршуваат во џебовите на олигархијата, додека граѓаните ја плаќаат сметката преку инфлација. Потрошувачката кошничка е поскапа од злато. Цените дивеат, затоа што се штитат профитерите, а не граѓаните. Поскапи се струјата и парното, а нè убедуваат дека сме четврта економија во Европа. Дали некој се чувствува така?

Додека народот се бори за корка леб, премиерот е на туризам. Македонија е во дипломатска изолација. Европскиот пат е блокиран. Европа не нè отпиша, но оваа власт нè извади од игра. Наместо европска држава, станавме изолирана територија без план и визија.

Се подготвуваат и опасни сценарија – Македонија да стане тампон зона за мигранти од Западна Европа, само за кредити и политички поени. Тоа е предавство на безбедноста и иднината на нашите деца.

Се создава оска Србија–Унгарија, се води антиевропска политика, се штитат интереси на авторитарни режими и се работи на разнебитување на СДСМ преку контролирана опозиција. Но порачувам јасно: тоа нема да успее. СДСМ нема да биде контролирана опозиција.

Критиката не е доволна. Потребна ни е визија. Ние нудиме економија на достоинство – модел во кој човекот е во центарот. Повисоки плати, подобро образование, подобро здравство, достоинствени пензии. Не минимална, туку достоинствена плата за живот - дециден беше Филипче.





Слично

Поврзани вести