СДСМ БАРА ИЗВИНУВАЊЕ: Кочоска ја навреди Славјанка дека нема право да зборува за семејства бидејќи нема деца
Бараме министерката Кочоска веднаш јавно да се извини за навредите и дискриминацијата, вели координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски. Тој најостро ја осуди денешната, како што ја нарече, срамна, навредлива и дискриминаторска изјава на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, упатена кон пратеничката Славјанка Петровска.
„Во обид да избега од личната одговорност за сериозното влошување на животниот стандард на граѓаните, министерката Кочоска не се двоумеше да се впушти во лични навреди, коментирајќи го приватниот живот на колешката Петровска. Со тоа, таа го покажа вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ – партија која наместо аргументи, секогаш се служи со дискредитации, дискриминација и навредување на жени во политиката“, се наведува во реакцијата.
Според СДСМ, ваквото однесување е крајно недолично, дискриминаторско и понижувачко и не смее да има место во македонското Собрание, ниту во политичкиот дискурс воопшто. „Изјавата на министерката Кочоска не е само напад врз пратеничката Петровска, туку и врз секоја жена во Македонија која се бори за свое место во општеството и политиката. Ова е уште еден пример на лицемерното ‘демо-христијанско’ однесување на ВМРО-ДПМНЕ, кое во отсуство на аргументи, се прибегнува кон дискриминација и омаловажување на жените“, се вели во реакцијата. Од партијата бараат министерката Кочоска веднаш јавно да се извини за овој недостоинствен чин. Упатуваат повик до граѓаните, невладините организации и целата јавност да се спротивстават на ваквиот говор на омраза и да испратат јасна порака дека дискриминацијата и навредите врз жените нема да бидат толерирани.
И лидерот на СДСМ, Венко Филипче е згрозен од изјавата на министерката.
Политичката партија Левица го осудува говорот на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
