Савевски: При крај е истрагата за „шпионажа во кабинетот на претседателката“
Јавниот обвинител Ненад Савески информира дека истрагата за случајот со шпионажа во кабинетот на претседателката е во завршна фаза. Потврди дека видеоснимките се предадени и се предмет на анализа.
- Она што е најново е дека имаше состанок со истражителите, односно со истражителите од МВР и тимот на истражители кој работи на овој случај во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Имаше координативен состанок на кој присуствував и јас. Се изготви план за понатамошни истражни дејствија. Според информациите со кои имав увид, како од надлежниот јавен обвинител, така и од истражителите, истражните дејствија се во завршна фаза, така што сметам дека во скоро време ќе има јавнообвинителска одлука во врска со тој случај - рече тој.
За предметот „Мазут“, пак, посочи дека моментално е во Вишото јавно обвинителство Скопје.
- Последниот податок што го имам е дека предметот веќе е предаден – и како физички предмет – од страна на Обвинителството за гонење организиран криминал до Вишото јавно обвинителство Скопје. Релативниот рок од 30 дена сè уште тече, така што очекувам дека во разумен рок, кој му е потребен на надлежниот виш јавен обвинител, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука и јавноста ќе биде соодветно информирана - посочи тој во изјава за медиуми по денешната седница на Советот на јавни обвинители.
