Савески жали за оставката на Ристоска: Обвинителството губи клучен кадар
Јавниот обвинител на државата Ненад Савески изрази жалење за оставката на обвинителката Ленче Ристоска, нагласувајќи дека нејзиното заминување претставува загуба за институцијата, особено имајќи ја предвид нејзината улога како обвинител за врски со Европравда.
Во писмена изјава, Савески посочи дека за оставката бил известен преку СМС порака, додека причините за одлуката ги дознал од медиумите.
– Јавното обвинителство останува без јавен обвинител од кој очекував значаен придонес во зајакнување на капацитетите, особено во делот на меѓународната соработка – наведе Савески.
Тој истакна дека одлуката за повлекување на овластувањата дадени од неговите претходници не е насочена кон конкретни лица, туку има организациска цел – подобрување на ефикасноста во работењето.
– Таа одлука е од организациска природа и не е персонална – потенцираше јавниот обвинител.
Воедно, Савески упати апел до обвинителите да го зачуваат професионалниот интегритет и да не дозволат надворешни влијанија врз нивната работа, како и до јавноста и општествените чинители да придонесат кон заштита на угледот на обвинителството.
– Независноста и самостојноста на обвинителството остануваат приоритет во сите одлуки што ги носам – порача Савески.
Тој нагласи дека сите идни чекори ќе бидат насочени кон зајакнување на институционалниот капацитет и довербата во обвинителството.
