Економија, финансии, бизнис

Контакт

Савески: Очекувам апстиненција на изборите, втор круг е неизбежен

Савески: Очекувам апстиненција на изборите, втор круг е неизбежен


Очекувам многу граѓани да апстинираат на овие претседателски избори, а не ја исклучувам можноста и од полнење на кутиите за да се обезбеди цензус во вториот круг, вели за Фактор, Здравко Савески од Левица. Според него, на овие избори ќе се покаже дека трите партии СДСМ, ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ се делегитимирани и немаат доволна поддршка од народот.

Претседателската трка ја трчаат Гордана Силјановска Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река. Тече втората недела од кампањата која до сега беше бледа и карактеристична по гафовите.

Докторот по политички науки, Савески за Фактор вели дека овие избори не се ниту за Силјановска, ниту за Пендаровски, ниту за Река. Според него има поважна работа на овие избори од нив.

-Поважно е да се испрати јасна порака дека и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, преку своето практикување на власта, тотално се делегитимираа и дека повеќе не ја уживаат поддршката од народот.

Претседателските избори се добра прилика за тоа, зашто имаат потреба од цензус. За разлика од парламентарните. А тоа значи дека на претседателските избори може преку протестно негласање да се испрати истовремено порака и до СДСМ и до ВМРО-ДПМНЕ и до ДУИ. Порака дека повеќе нема да им се дозволи да не’ влечат за нос и дека нивната борба, тие наместо другите, да бидат оние што ќе го крадат народот, од гледна точка на народот има мала важност. Бидејќи тој и во двата случаи ќе биде испокраден-вели Савески.

Членот на политичката партија Левица додава дека во оваа кампања нема ништо ново. Се е веќе видено.

„СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се препукуваат меѓу себе кој поголема штета нанесе додека бил на власт и ветуваат работи кои, ако се докопаат до фотелјите, не планираат да ги исполнат. Единствена новина е високата фреквенција на гафови, на која листа моментално води сидрото што влече напред на Заев. Но, оптимист сум дека до крајот на кампањата е можно и поголем гаф да слушнеме“, додава Савески.

За граѓанскиот активист и синдикалец изборните правила за претседателските избори се доста чудни, а тоа го објаснува вака:

„Во првиот круг нема цензус. Само во вториот круг има цензус. Во првиот круг, само еден граѓанин да гласа – доволно ќе биде за регуларноста на изборите. Ќе мора да се организира втор круг како во овој случај, така и во сите други случаи, освен ако некој од кандидатите не освои мнозинство од вкупниот број избирачи, односно околу 900.000 гласови. Тоа е реално невозможна опција на овие избори, па сигурно ќе има и втор круг“, вели Савески кој потенцира голема разочараност кај граѓаните од СДСМ-ДУИ-ДПМНЕ.

Неговите очекувања се високо ниво на апстиненција на изборите.

„СДСМ-ДУИ-ДПМНЕ се доста загрижени поради тоа и со право. Не би исклучил и полнење на кутиите за да се обезбеди цензусот во вториот круг, особено во светлината на фактот дека целосно неказнето помина полнењето на кутиите за време на референдумот“, заклучува Савески.


Ирена Ставрова

Слично

Поврзани вести