Сасоли пред посетата на Скопје: Му реков на Макрон дека тоа се само преговори со ЕУ
Македонија е првата дестинација надвор од ЕУ која Давид Сасоли, новоизбраниот претседател на Европскиот Парамент, ќе ја посети в понеделник, а во интервјуто за МИА тој вели дека на францускиот претседател Емануел Макрон, по неговото вето кон Скопје и Тирана во Брисел му рекол дека „тоа се само преговори со ЕУ, а не и членство“.
- Кога се сретнав со претседателот Макрон, му реков дека не носиме одлука за членство, туку за процесот за членство. Добро се познати забелешките на претседателот Макрон. И сигурно не се поврзани со тоа дали Северна Македонија и Албанија имаат европска судбина. Она што тој го вели е дека ни е потребна промена во процедурите и токму затоа мислам дека во иднина се движиме кон преговори, вели Сасоли на дел од поставените прашања.
Тој вели дека одлуката прво да ја посети Македонија е затоа што смета дека исходот во СОветот на ЕУ бил неправеден кон Скопје и дека тоа што земјата не доби датум за преговори од ЕУ е, како што вели тој, мала пауза.
- Одлучив првата посета надвор од ЕУ да биде во Северна Македонија, а потоа Албанија. Затоа што верувам дека овие две земји направија огромни напори да станат членки на ЕУ, и ние треба тоа да го признаеме и да им помогнеме на нивниот пат кон успехот. Нема да се откажеме. Најдоброто нешто, освен тоа што има мала пауза во процедурите сега е што владите, парламентите и јавното мнение во ЕУ поддржува отворање на пристапните преговори со овие земји. Ова е точно и на север, и на југ и на исток, и на запад на ЕУ. Како во секој демократски процес, се разбира, мораме да постигнеме одлука со консензус, вели тој.
Новоизбраниот функционер на ЕУ тврди дека наредните шест месеци ќе бидат многу важни и дека до Самитот во Загреб во мај треба да има конечен консензус од европска страна.
- Тоа што ќе го стори новата Европската Комисија ќе биде одлучно. Веруваме дека новата Комисија ќе го следи истиот пат како и Комисијата на Јункер, дека ќе продолжи со овие напори и ќе ги трансформира во нешто солидно. Не губиме време и наредните шест месеци нема да бидат изгубени. Ова ќе биде исто така можност да ја истакнеме нашата одлучност. Има само една пауза на еден долг пат, но последниот збор сѐ уште не е кажан. Друга работа која за нас е импресивна е тонот на јавната дебата во Северна Македонија: секако дека луѓето се разочарани, тоа е природно, но има силен сигнал на надеж, ова е многу позитивно и мораме да градиме врз тоа, вели тој.
Сасоли смета дека идејата за проширување на ЕУ со земји од Западен Балкан не е мртва по фијаското во Брисел туку сега е поинтензивна, односно се зборува многу повеќе за тоа во јавноста.
