Сашо Тасевски : Ресурсите треба братски да се поделат
Актерот Сашо Тасевски порача дека парите за проекти од страна на Министерството на култура треба да се поделат праведно, по објавените резултати од Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2019 година по дејности и области, што како и секоја година предизвика огромни реакции во јавноста
- Да не дозволиме да има апартхејд, тоа е опасно, ако се отвараме кон ЕУ и сме решиле дека треба оваа држава треба ресурсите братски да ги дели, сите треба да разберат дека треба да ги делиме како што треба. Не е праведно еден да работи исклучиво за една група, а некои да бидат туркани во позадина - рече поранешниот в.д. директор на Драмски театар за Телма.
Масло на огнот долеа синоќешната оставка на театарскиот режисер Зоја Бузакова како советник во министерството.
- Премиере, имав голема до/верба во Вас. Но, вашата политика е неконсеквентна. Денес нешто одлично, утре нешто катастрофално. Изградете систем! Вака, сè зависи од некаков етно-базиран компромис или меѓупартиски договор, а не од стручност и компетенција. Сè додека не покажете дека Вие ја водите Владата и дека Вие сте одговорен за секој министер и за неговите постапки, зашто изборот е Ваш, позитивните резултати ќе бидат инцидент, а не систем, ќе бидат пријатно изненадување, а не секојдневие на добро работење - му напиша таа на премиерот Зоран Заев во своето писмо со оставка.
Од резултатите од годишнитe конкурси за проекти од национален интерес во културата за 2019 година излегува дека власта не сака годинава да има Скопски џез фестивал, Офф-фест, Киненова, Таксират, концерти на Авалон. Ова предизвика бура од реакции на носителите на овие проекти и по социјалните мрежи.
Програмата за Домовите на културата останува, сите други програми ќе се разгледаат одново, рече денеска премиеротЗаев, но веќе стигна реакција и од националните театри, дека прераспределбата на парите за проектите е скандалозна.
Изјава даде и министерот за култура Асаф Адеми.
- Ги прекинувам решенијата за одбивање на апликантите на проектите кои се одбиени. Ја не сум роден како министер, јас само прифатив да помогнам и да ја завршам оваа работа најтранспарентно - рече Адеми.
