Сашко Коцев делел сцена со големи актерски имиња, но најемотивната улога ја одигра со својата ќерка: Имав поголема возбуда од Јоана
Додека разговаравме, кон нашата маса тивко се приближи една повозрасна госпоѓа. Со мала доза трема, но со искрена насмевка, го замоли Сашко Коцев за неколку минути разговор. Не бараше фотографија, ниту автограм. Само сакаше да му каже колку го сака како актер и колку пати ја насмеал во тешките денови. Тој ја пречека токму онака како што го доживуваат луѓето, со широка насмевка, внимание и искрена почит. Го прекина разговорот со мене, ја сослуша без брзање и направи таа да се почувствува важно. Во тие неколку минути стана јасно дека неговата големина не се мери само со улогите, аплаузите и преполните сали, туку и со начинот на кој им пристапува на луѓето. Тоа е Сашко Коцев, едноставен и приземен, а толку голем. Човек чија насмевка не е дел од јавниот имиџ, туку од карактерот. Можеби токму затоа публиката толку лесно му верува и кога глуми, и кога зборува, и кога е само Сашко. Низ кариерата имал привилегија да застане пред камера и на сцена со големи актерски имиња од Македонија и регионот. Но, годинава за првпат ја доживеа можеби најемотивната партнерска улога - ја делеше сцената со својата осумгодишна ќерка Јоана, ученичка во ОУ Партенија Зоографски, во нивната прва заедничка реклама за Халк банка, објави Женски магазин.. Токму таа, како што признава, му донела трема каква што одамна не почувствувал, но и гордост што тешко се опишува со зборови.
ЖМ: Со Вашата ќерка Јоана ја снимивте првата заедничка реклама за банка. Како дојде до оваа идеја и колку беше тешко или лесно да се убеди да застане пред камерите?
- Да, ова е прво појавување на нашата ќерка во медиум. Понудата и идејата да бидеме заедно за прв пат пред камера беше на Халк банка. Немавме никакво убедување со Јоана затоа што претходно веќе имаше пројавено некоја така, тивка желба дека сака нешто да направи, сака да доживее такво искуство.

ЖМ: Во рекламата ги имате заменето улогите, таа менаџира со буџетот, а Вие трошите. Како помина снимањето? Имаше ли трема или се однесуваше како вистински професионалец?
- На снимањето, верувајте бев многу повозбуден од неа. Секако дека ја подготвив, но имав благ притисок од одговорноста, но и неизвесноста за на самото снимање, како детето ќе реагира таму, дали тогаш ќе се инхибира или збуни. Но, таа на првото, а и потоа на останатите снимања, тоа го одигра и сработи толку рутинирано, како да е веќе многу искусна во тоа. Сите бевме многу изненадени од таа нејзина присутност во секоја реплика или во секоја индикација од режисерот за тоа што треба да се направи уште подобро. Дури и се вклучи во сектор режија, па уште и самата допиша нова сцена за рекламата вон сценариото, која што остана како дел од спотот. Така што, гордо и пресреќно заминав од снимањето.

ЖМ: Публиката веднаш прокоментира дека Јоана е Ваша вистинска наследничка. Го препознавате ли актерот во неа, преку гестовите, изразите и смислата за хумор?
- Таа дури и нема некоја желба да биде актерка и тоа прашана во неколку наврати. Се разбира многу е мала за да има точни утврдени желби за тоа што би сакала да биде, но не е нешто многу возбудена по тоа прашање. Ќе оставам времето да си каже, а таа сама ќе си одлучува. Но, секако дека препознавам, а тоа е оној момент кога гледаш дека човек ужива да биде таму, ужива што сите погледи се вперени кон него и е во тој излог. Кога ја гледаш веруваш на секој збор и најбитното, кога прима индикација и насоки, слуша и потоа пак си ги сработува на некој свој начин и со свој печат. Тоа е показател дека има самодоверба и автентичност. Мислам дека и јавните настапи и часови од музичкото училиште помогнаа многу во надминување на тој момент на трема и стрес дека голем број луѓе гледаат во тебе. Како и да е, важно е дека сега ужива во популарноста меѓу соучениците, а понатаму ништо не се знае. Можеби ќе сврти и ќе стане лекар како мајката.

