Економија, финансии, бизнис

Контакт

„САРАЦИН, А И ТИЕ ШТО МУ ДАЛЕ НАЛОГ ТАКА ДА ВЕРУВА, МАЛКУ ПОВЕЌЕ СИ ДОЗВОЛИЛЕ“ - професорот Поповски со критика за изјавата на специјалниот пратеник

„САРАЦИН, А И ТИЕ ШТО МУ ДАЛЕ НАЛОГ ТАКА ДА ВЕРУВА, МАЛКУ ПОВЕЌЕ СИ ДОЗВОЛИЛЕ“ - професорот Поповски со критика за изјавата на специјалниот пратеник

По вчерашната бура која во јавноста во земјава која ја предизвика специјалниот пратеник на СР Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин, а во која тој вели дека земјава не можела сама да ги менува транспортните коридори, се огласи и експертската јавност во земјава, со реакции за изјавата на Сарацин.

Никола Поповски, универзитетски професор и поранешен министер за финансии на земјава, преку својот фејсбук профил, го објави следниот став, кој го пренесуваме во целост. 

„Извесен специјален германски пратеник за Западен Балкан по име Мануел Сарацин изјавил (според медиумските известувања), дека „транспортните коридори во Европа се во надлежност на Брисел“ и дека тој верува „дека не е во надлежност на една земја да ги менува европските приоритети во транспортната политика“. Веројатно е така за тие земји што самите си одлучуваат за тоа во Брисел. За оние што не се членки (како нас) и што со години ги „дриблаат“ како што самите си сакаат, не треба да „верува“ ни тој ни тие во Брисел дека „не е во надлежност на една земја да ги менува европските приоритети во транспортната политика“. Секоја земја за својата територија си носи свои суверени одлуки. А за тоа дека тој разбрал „дека Бугарија е збунета, но и загрижена“ во врска со тоа нека се праша зошто ние би ги следеле одлуките на некои институции на кои не припаѓаме, ниту во догледно време од 20+ години ќе припаѓаме. Сарацин а и тие што му дале налог така да „верува“ малку повеќе си „дозволиле“. Требаше на време да мислат за „нивните“ коридори што биле „во надлежност на Брисел“!“, пишува професорот Никола Поповски.



Ова следува откако, како што пренесува бугарски „Труд”, а овде го пренесе racin.mk, ја коментираше најавата дека Северна Македонија ќе побара парите за Коридорот 8 да бидат пренаменети за Коридорот 10.

„Транспортните коридори во Европа се во надлежност на Брисел. Лично верувам дека не е во надлежност на една земја да ги менува европските приоритети во транспортната политика. Ова е долг и комплициран процес со многу различни договори. За време на моите разговори во Софија, разбрав дека Бугарија е збунета, но и загрижена од ова барање на Скопје. Изградбата на Коридорот 8 секако е од стратешко значење“, вели Сарацин на оваа тема.

Дополнително, тој коментира дека европскиот транспортен коридор 8 е од стратешко значење за регионот зашто треба да ги поврзе италијанското пристаниште Бари и албанското Драч со Скопје, Софија и Црното Море, но според него, новата влада во Скопје неделава покажала оти изгубила интерес за негово спроведување и му дава проритет на Коридорот 10, кој ги поврзува Австрија, Словенија, Хрватска, Србија, Северна Македонија и Грција.

Сарацин во интервјуто вели дека земјава не ги оправда очекувањата за за уставни измени како основен услов за продолжување на пристапните преговори со Европската Унија.

„За жал, нашите надежи за посветеност на Скопје за промена на Уставот на Република Северна Македонија не беа оправдани. Оваа промена е главниот услов на Советот на ЕУ од Преговарачката рамка за Скопје“.

Прашан за декларацијата на германскиот парламент, Бундестагот, во која за Република Северна Македонија се зборува како за дежава определена за членство во ЕУ како ниедна друга во регионот, Сарацин вели дека декларацијата на Бундестагот имала за цел да биде мост преку кој ќе премине политичкото раководство на Република Северна Македонија, истовремено покажувајќи му на народот дека нема причина за загриженост за идентитетот, јазикот и културата и дека Германија е на нивна страна. 

„Но, во исто време, тоа беше сигнал за Бугарија дека сме обединети во нашето верување дека бугарското население во Северна Македонија ќе биде вклучено во Уставот“, вели германскиот пратеник за Западен Балкан.

Тој смета дека се работи за убав и стабилен мост, но македонската страна, како што вели, сѐ уште не може да помине по него. Според Сарацин, Бугарија има многу можности преку својата посветеност на европската интеграција на Западен Балкан да заработи уште поголема почит од другите земји членки на ЕУ.


Слично

Поврзани вести