Сарацин вели дека ако не го прифатиме францускиот предлог, друг може да нема
Високиот претставник на германскиот Бундестаг за Западен Балкан, Мануел Сарацин во Скопје изјави дека ако Македонија го отфрли францускиот предлог, друг може и воопшто да нема.
Тој кажа дека во преговарачката рамка се зачувани македонскиот јазик и идентитет и Германија стои зад нивна целосна заштита. Но, Сарацин немаше јасни гаранции дека Бугарија во иднина нема да ја условува и блокира Македонија поради билатерални прашања во преговорите со Европската Унија.
„Не можам да ветам како ќе биде исходот од изборите во Бугарија, но во оваа ситуација едно според мене е многу јасно, се што треба да се реши, сега треба да се направи, за можеби да се обезбедите за поопасни времиња“, рече Сарацин.
Вицепремиерот Бојан Маричиќ побара одлука која ќе стави крај на 17 годишните лавиринти низ европските ходници и тврди дека историјата ќе биде оставена на историчарите, а преговорите ќе започнат со чист македонски јазик и идентитет. Владата чека да завршат консултациите со сите политички партии за конечен договор.
Вечерва во 19 часот повторно ќе има протести против францускиот предлог. Граѓаните бараат власта да го отфрли овој предлог. Ова ќе биде петти ден како граѓаните излегуваат на протести. Синоќа во насилните протести беа повредени 47 полицајци.
