Економија, финансии, бизнис

Контакт

Сандеј тајмс: Каков ултиматум има Русија за Македонија?

Сандеј тајмс: Каков ултиматум има Русија за Македонија?

Македонија минатиот месец била под директен притисок од руските функционери, кои порачале таа да му сврти грб на Западот или „да се соочи со одмазда“, пишува британски Сандеј тајмс.

Во екот на растечките амбиции на Кремљ на Балканот, рускиот амбасадор побарал од членовите на македонската влада да ја насочат својата верност кон Москва.

„На Русија не ѝ треба Македонија, но Македонија не може да „преживее без Русија“- наводно рекол амбасадорот, Олег Шчербак.

Москва јавно застана во одбрана на 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, која одбива да ѝ ја предаде власта на противничката коалиција, која тесно победи на парламентарните избори во декември, наведува Сандеј тајмс.

Кремљ, исто така, ги бранеше и активностите на вооружените насилници што упаднаа во Парламентот и ги нападнаа пратениците од коалицијата, меѓу кои и Зоран Заев, лидерот на левичарскиот Социјалдемократски сојуз, пишува  британскиот весник.

Зад кулисите, сепак, се чини дека Русија бара висока цена за својата поддршка, според сведоштвата од средбите организирани од Шчербак и неговиот заменик, Константин Берсенев.

Русите побарале од своите домаќини - меѓу кои и поранешниот премиер, Никола Груевски, за кој сè уште се верува дека ги влече конците и покрај тоа што се повлече од функцијата - да „возвратат“ за поддршката на Москва и да тргнат по проруски курс.

Ако не го сторат тоа, предупредиле Русите, може да дојде до воведување забрана за македонскиот извоз на земјоделски производи во Русија, што ќе биде штетно за државата, која е една од најсиромашните во Европа, пишува Сандеј тајмс во текстот.

Македонската влада одговорила со изработка на документ со стратегиска анализа на спроведувањето поблиски врски со Москва, но висок владин извор рекол дека Москва нема што да понуди во замена за отфрлање на пристапот во ЕУ и НАТО, политиката до која земјата се држи од распадот на поранешна Југославија во 1991 година.

Британски и европски дипломати истакнуваат дека Русија ги засилила своите активности на Балканот откако почувствувала „вакуум“: ЕУ е преокупирана со повеќе кризи, а улогата на САД е несигурна по доаѓањето на претседателот Доналд Трамп со неговата политика „Прво Америка“.

Владимир Чижов, рускиот амбасадор во ЕУ, го правдаше интересот на Кремљ на Балканот велејќи дека со него на Македонија ѝ се нуди „алтернатива на евроатлантската интеграција“. Западот „нема монопол на вредностите“, рече тој.

Никола Попоски, македонскиот министер за надворешни работи, ги негираше честите контакти со Москва. „Русија може да има свои интереси, тоа е легитимно“, рече тој.

Во октомври, обвинителите во Црна Гора обвинија двајца руски шпиони за организирање превирања и обид за насилно преземање на Парламентот по изборите. Сега се чини дека Русија ја „мерка“ Македонија, вели весникот.

Слично

Поврзани вести