Економија, финансии, бизнис

Контакт

Самуел Наумовски Викиус од Шведска се врати во земјата на корените: Македонија треба да им даде шанса на младите и да верува во нив

Самуел Наумовски Викиус од Шведска се врати во земјата на корените: Македонија треба да им даде шанса на младите и да верува во нив

Пишува Ирена Ставрова

Со искуство во шведски државни институции и Европскиот парламент, Самуел Наумовски Викиус ја донесе својата страст кон меѓународната соработка и економската интеграција во Македонија. Роден меѓу две култури – мајка Македонка и татко Швеѓанец – Самуел ја носи топлината и блискоста на македонскиот менталитет, заедно со дисциплината и организираноста на шведската култура. Како извршен директор и основач на Шведско-македонската стопанска комора, тој создава платформа што ги поврзува компаниите, институциите и луѓето, нудејќи нови можности за инвестиции, трговија и развој на младите професионалци.

Во интервјуто за Женски магазин, Самуел зборува за тоа како е да се вратиш во земјата на корените, за разликите во секојдневниот живот и процесите во Македонија и Шведска, како и за визијата на комората како мост кој ќе го зајакне економскиот и културниот дијалог помеѓу двете земји. Тој со нас споделува и лични размислувања за лидерство, доверба, вредности и тоа како младите можат да ја искористат шансата за развој и професионално напредување, оставајќи инспиративна порака за сите кои сакаат да направат разлика.


ЖМ: Самуел, пораснавте меѓу две култури – мајка Македонка и татко Швеѓанец. Кој дел од македонскиот, а кој дел од шведскиот менталитет најмногу го носите во себе?

- Сметам дека сум комбинација од двете култури. Од македонската страна ја носам топлината, блискоста со луѓето, гостопримството и чувството за заедништво. Македонците знаат како да изградат силни лични односи и секогаш да најдат време еден за друг. Од шведската култура ги носам дисциплината, довербата, почитувањето на договорите, организираноста и верувањето дека долгорочните резултати се постигнуваат преку системска работа. Денес се трудам овие две вредности да ги спојам во моето професионално и приватно живеење.

ЖМ: Во Македонија живеете од декември 2025 година. Што беше пресудно за оваа голема животна одлука?

- Тоа не беше импулсивна одлука, туку нешто за што размислував подолго време. Во изминатите години стекнав драгоцено искуство работејќи во шведски државни институции и Европскиот парламент. Сето тоа ми даде поширока перспектива за меѓународната соработка, дипломатијата и развојот на јавните политики.

Работата како извршен директор на Шведско-македонската стопанска комора ми овозможи токму тоа, да работам на иницијативи што ги поврзуваат компаниите, институциите и луѓето, создавајќи нови можности за инвестиции, трговија, младите и економската соработка меѓу Македонија и Шведска. За мене ова не беше само професионален чекор, туку и лична желба да придонесам за земјата на моите корени.

ЖМ: Како изгледа враќањето во земјата на вашите корени – дали Македонија ви беше позната, или сега ја откривате од сосема нов агол?

- Македонија отсекогаш била дел од мојот живот. Како дете и подоцна како возрасен често доаѓав тука, но кога живеете во една земја секојдневно, ја гледате на сосема поинаков начин. Денес ја гледам не само како место каде што живее моето семејство, туку како земја со голем потенцијал за развој. Запознав многу претприемачи, млади професионалци и компании кои создаваат производи и услуги на многу високо ниво. Тоа ми даде една поинаква перспектива.

ЖМ: Што најмногу ве изненади откако почнавте да живеете тука – луѓето, темпото, навиките, секојдневието?

- Најмногу ме изненади колку брзо може да се воспостават контакти и колку луѓето се отворени за соработка. Во Шведска процесите често се подолги и поформални, додека овде одлуките понекогаш се носат многу побрзо.

Од друга страна, гледам дека има простор за поголема предвидливост, подобро долгорочно планирање и посилни институционални процеси. Верувам дека токму комбинацијата на македонската флексибилност и шведската структура може да донесе најдобри резултати.

ЖМ: Вие сте извршен директор на Шведско-македонската комора. Што точно сакате да изградите меѓу Македонија и Шведска?

- Нашата цел е Комората да стане вистински мост меѓу двете земји. Не само место каде што се организираат настани, туку платформа која активно им помага на компаниите да воспоставуваат партнерства, да инвестираат, да извезуваат и да разменуваат знаење.

Во последните месеци организиравме прв Шведско-македонски бизнис форум во Стокхолм, воспоставивме нови партнерства со шведски институции и компании и работиме на иницијативи кои ќе ја зголемат видливоста на шведските инвестиции и македонските компании. Сакам Комората да биде препознаена како еден од најактивните бизнис-мостови меѓу Северна Европа и Македонија.

ЖМ: На какви проекти моментално работите преку комората и што би можело реално да донесе корист за младите и за бизнис-секторот во Македонија?

- Работиме на повеќе иницијативи. Една од нив е публикација која ќе го претстави присуството на шведските компании во Македонија и нивниот придонес кон економијата. Развиваме програми за поврзување на македонските компании со нордиските пазари, организираме деловни мисии, конференции и обуки.

Посебно внимание посветуваме и на младите. Во Комората веќе работат неколку практиканти кои добиваат меѓународно искуство и директен контакт со компании и институции. Верувам дека младите треба да добијат повеќе можности да стекнат практично искуство уште за време на студиите.

ЖМ: Во Шведска добивте диплома од кралот Карл XVI Густаф за курсот „Вредносно лидерство“. Каков момент беше тоа за вас лично?

- Тоа беше голема чест и признание кое ќе го паметам цел живот. Но, повеќе од самиот момент, за мене беше важно што програмата ме поттикна уште повеќе да размислувам каков лидер сакам да бидам. Да се добие диплома лично од Неговото Височество кралот Карл XVI Густаф е секако посебен момент, но вистинската вредност лежи во знаењето и одговорноста што ја носите понатаму.

Разговорот со Самуел Наумовски Викиус продолжува на Женски магазин....

Слично

Поврзани вести