Самсоненко веќе не е во игра: Коневски му додели земјиште, Марин му го одзеде
Една
од првите одлуки на новиот градоначалникот
на општина Аеродром, Златко Марин, е
раскинување на договорот со рускиот
бизнисмен, Сергеј Самсоненко, за изградба
на тениско - спортски центар во близина
на спортската сала „Јане Сандански“
во Скопје.
Причина за раскинување на договорот кој во декември го потпиша неговиот претходник, Ивица Коневски, е дека не е во интерес на граѓаните.
„Договорот за изградба на тениски игралишта со компанијата „Тенис парк“, во сопственост на Самсоненко, не е во интерес на граѓаните. Договорот предвидува Општината и Градот Скопје целосно да го ослободат инвеститорот од плаќање комуналии, а притоа граѓаните да добијат многу мали бенефиции за користење на игралиштата“ соопштија од Општина Аеродром.
Рускиотгаздата требаше да го добие земјиштето на 35 години без притоа да плати комуналии, а завозврат нудел само минимални бенефиции за Општина Аеродром и за Град Скопје. Според договорот ослободените комуналии за инвеститорот биле во висина од милион евра, а граѓаните би можеле бесплатно да користат само едно игралиште и тоа во ограничено време.
Проектот „Тенис парк“ предвидуваше изградба на четири тениски терени на тврда и четири терени на земјена подлога, кафе – бар, супермаркет, игротека за деца и други содржини. Вкупната вредност на проектот изнесуваше 2 милиони евра.
Локалната власт на претходниот градоначалник, Ивица Коневски, сметаше дека со проектот ќе се уреди една од запустените локации покрај реката Вардар, а истовремено ќе се подобрат условите за одржување на спортски натпревари во општината.
Пред да се распише тендерот, од општината изработија физибилити студија за потребата од изградба на ваков тениско-спортски центар, која покажа дека самата инвестиција ќе изнесува над 2 милиони евра. Тендерот за реализација на проектот беше распишан во текот на есента минатата година.
Новата локалната самоуправа во наредниот период ќе одлучи што ќе прави со атрактивното земјиште покрај реката Вардар.

Почна со обложувалница, создаде империја
Сергеј Самсоненко во Македонија се појавува со доаѓањето на власт на владата на Никола Груевски. Македонската јавност го запозна како газда на обложувалниците „Бетсити Балкан“, откако есента 2006 година одлучи да се пресели во Скопје заедно со семејството.

Според официјалните податоци од Централниот регистар, денес Сергеј Самсоненко, има 30-тина фирми во Македонија. Тој за 11 години во земјава создаде империја и влезе не само во спортските води, туку и во градежниот бизнис, обложувањето, авио превозот, трговијата.
Рускиот бизнисмен пред три години ги презеде женскиот и машкиот ракометен клуб Вардар, а стана доминантен сопственик и на истоимениот фудбалски клуб.
На местото на старата спортска сала „Јане Сандански“, на парцела од 11.000 квадратни метри, Самсоненко изгради нов спортскиот центар, а дел од целиот проект е и новиот хотел „Русија“.
На градежниот плац веднаш до спортскиот комплекс „Јане Сандански“, Самсоненко ја гради руската црква „Св. Троица“.
Блискоста со владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ не ја криеја ни Груевски, ни самиот Самсоненко. Тој јавно се појави во спот нарачан од ова партија во 2014 година со отворена поддршка на Никола Груевски.
Ј.М.
