Економија, финансии, бизнис

Контакт

Самсоненко не ги издржа критиките, се повлекува од сите клубови

Самсоненко не ги издржа критиките, се повлекува од сите клубови

Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко повеќе нема да инвестира во спортските клубови во Македонија и на само неколку месеци по освојувањето на Лигата на шампионите со РК Вардар решил целосно да се повлече од македонскиот спорт. Главна причина за одлуката се жестоките критики кои ги доби откако управата на ФК Вардар постави екстремно високи цени за билетите од плеј оф колото за Лига Европа против Фенербахче, а јужната трибина целосна им ја отстапи на гостинските навивачи.

- Почитувани граѓани на Македонија, пријатели!

Вчеравечер се вратив во Скопје и бев длабоко вознемирен од сето она што го прочитав во медиумите, на социјалните мрежи, порталите...

Првото прашање што си го поставив себеси беше со што јас и моите колеги од Вардар заслуживме вакви навреди?

Македонија е дом за мене и за моето семејство веќе 11 години, во овој период од срце инвестирав огромни средства во развој на спортовите во земјава.

Драги пријатели, цената на ниту еден билет не може ниту, пак, сакам да го врати тоа што го вложив без никаква задршка во македонскиот ракомет, фудбал, тенис и друго... токму поради тоа јас, од мое име и од името на управата на ФК Вардар, донесов одлука.

Долго време се воздржував да реагирам на навредите што ги пласираа против мене одредени медиуми и поединци... и сакам да кажам, доста е!

Никогаш во животот не сум доживеал ваков линч, навреди и омаловажување какво што доживеав во изминативе денови.

Ви благодарам многу, се чини дека ова е надомест за сè што направив.

Доста е, одлуката, колку и да ми беше тешко, ја донесов.

Ова е последна сезона во која јас, Сергеј Самсоненко, како инвеститор вложувам во сите три спортски клуба во Македонија. По оваа сезона, ќе ги вратам трите клуба на поранешните сопственици во одлична состојба, со шампионски титули, добар ранкинг и без долгови.

Во врска со билетите за натпреварот Вардар-Фенербахче, одлучив да ги продаваме сите билети по единечна цена од 300 денари, без разлика на сектор или трибина.

На сите кои купиле билет по стара цена, средствата ќе им бидат рефундирани.

Напред Вардар, напиша Сергеј Самсоненко во неговото обраќање.

Досега Самсоненко вложуваше околу десетина милиони евра годишно во трите клуба на Вардар, а стои зад изградбата на новата спортска сала Јане Сандански, како и повеќе спортски терени и инфраструктура.


Слично

Поврзани вести