Економија, финансии, бизнис

Контакт

Самохраните мајки ставени на крстопат меѓу семејството и кариерата

Самохраните мајки ставени на крстопат меѓу семејството и кариерата

“Многу голем товар за самохраните мајки е бремето и товарот кој што го носи од менталитетот и стереотипите во нашето општество. Проблемот се јавува со тоа што тие жени кои и многу често се без своја вина останати самохрани, општеството ги стигматизира, ги обележува и наместо да отвара можности за да им ја олесни ситуацијата ги затвара во еден круг на тешко живеење од кој што тие многу често не гледаат излез. Товарот на чување деца, во услови на немање на градинки кои имаат флексибилно работно време, во услови кога кај работодавачите флексибилното работно време сеуште е табу тема, каде што работата од дома не се зема како можен начин на работа претставува голем проблем на самохраните мајки”- раскажува за Фактор, Валентина Дисоска од Здружението на бизнис жени од  Македонија.

Од друга страна според неа  малите плати на ниско платените работни места им претставуваат уште еден товар, затоа што не можат да им пружат среќно детство на своите деца.

“Во целост, нивната ситуација е многу тешка и мора да се најде начин за нивно активно вклучување во општествените промени. Досега нема направено истражување  но она со кое ние располагаме како информација е дека компаниите немаат проблем со вработување на самохрани мајки, но имаат проблем со флексибилноста во работењето”- вели Дисоска.

Состојбата е идентична и во приватниот и во државниот сектор. Жените претприемачки како што вели знаат, сакаат  и умеат да се носат во т.н. “машки свет“, но, немањето имот на сопствено име претставува главен проблем за растот на компаниите и нивната поставеност. Оттука тие како здружение се борат за економско јакнење на жената преку развој на женското претприемништво како специфичен и компетентен партнер во дијалогот на државниот, невладиниот и приватниот сектор, што  би придонело за социјален и економски развој.

“Претпоставувам дека во државниот сектор е полесно, заради тоа што приватниот сектор многу често е со краен рок на извршување на работните задачи и многу често не може да им овозможи флексибилно работо време на работничките. Од друга страна пак, не сум слушнала ниту за државните институции дека имаар флексибилно работно време, што значи дека и едниот и другиот сектор би требало да поработат на оваа проблематика. Процентуално, жената како носител на правен субјект – фирма е застапена со отприлика 30% од вкупниот број на компании, но за жал нашите компании во сопственост на жени спаѓаат во доменот на микро и мали претпријатија, каде што обртот на средства е многу мал, па така и заработката. Компаниите кои ги основаат многу често се во услужните дејности и во секторите каде нема многу вложување, но од друга страна пак и обртот и профитит е многу мал”- објаснува Дисоска.

 Статистиката засега не е прецизна  колкав е бројот на самохрани мајки кои се носат со предизвикот бизнис и финансиска независност. Проблемот според неа е што има недостатоци во статистичките податоци, особено кога станува збор за родово сегрегирани информации.  Бизнис конфедерацијата  на Македонија, Институтот за менаџмент поддршка  заедно со Здружението на бизнис жени  го организираа  проектот „Програма за (само)вработување на самохрани мајки”. Преку програмата се изработени прирачници за самохраните мајки, но и за институциите.

 “Ова е проектна програма финансирана од ЕУ од компонентата за социјална инклузија. Овој проект е со траење од една година. Сега сме во завршната фаза на проектот кој што за главна целна група ги имаше самохраните мајки, како една од најранливите групи во општеството. Целиот проект беше спроведен во неколку фази, од едукација, психосоцијална помош, менторски сесии и вокациски обуки. На крај добивме жени, самохрани мајки, како готов продукт спремни да бидат вклучени на пазарот на трудот, без разлика дали сакаат да бидат вработени или самовработени. Важно е дека жените се спремни да бидат активни на пазарот на трудот”- потенцира претседателката на Здружението на бизнис жени од Македонија.

Дисоска им  порачува на сите самохрани мајки, жени и девојки, претприемништвото да  биде нивниот  прв избор при барање работа, заради големите можности кои истото ги нуди. 

С.Б.

Слично

Поврзани вести