САМО ЗА ЕДНА НЕДЕЛА РЕГИСТРИРАНИ СЕ 36 РЕИНФЕКЦИИ СО КОВИД: Зголемувањето е дури за 38,5% во однос на претходната недела
Во последниот
извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 13 до 19 декември се
наведува дека се тестирани вкупно
19.943 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и
антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 8,1% во
однос на минатата недела. Регистрирани сe 1.922 нови позитивни случаи од 32
градови во државата со намалување од 8,0% во однос на минатата недела.
Процентот на позитивност се движи од 6,9% до 12,4%, просечно 9,6%. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=960; 49,9%), со неделна инциденца – 151,4/100.000. Највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци 259,6/100.000 (Табела 1, Картограм 1). Картограм 1. Инциденца на 100.000 жители, COVID-19, период 13-19.12.2021, Р.С Македонија Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи.
Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=439, 22,8%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 (n=67; 3,5%). Се забележува намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи. Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 1.015 (52,8%) лица од женски и 907 (47,2%) од машки пол.
Со статус „оздравени“ се стекнале 1.963 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување. Во текот на мината недела вкупно се пријавени 36 реинфекции, со зголемување од 38,5% во однос на претходната недела.
Пријавени се 66 смртни случаи во 22 градови во текот на изминатата недела. Бројот на починати е непроменет во однос на претходната недела. Најголем дел од нив се од Скопје (19). Во однос на возраста, најголем број (n=53; 80,3%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (10), 40-49 години (2) и 30-39 години (1).
