Економија, финансии, бизнис

Контакт

Само една официјална делегација на ВМРО-ДПМНЕ може да има во Хелсинки

Само една официјална делегација на ВМРО-ДПМНЕ може да има во Хелсинки

Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ со Хорст Зехофер, лидерот на владеачката ЦСУ во Германија

Само една официјална делегација на ВМРО-ДПМНЕ може како поканета да присуствува на Конгресот на сестринската Европската народна партија во Хелсинки, иако засега е потврдено дека таму е и исклучениот фракционер Петар Богојески, тврди професорот Самоил Малчевски.

Поранешниот заменик-генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, а сега активист, Петар Богојески од вчера е во Хелсинки каде се одржува Конгресот на Европската народна партија (ЕПП). Во изјава за „Фокус“ потврди дека добил специјална покана од претседателот на ЕПП, Жозеф Дол.

-Денеска сум учесник на Конгресот на ЕПП, по специјална покана од претседателот Жозеф Дол. За мене е голема чест да бидам учесник и да се запознаам од блиску со реалното спроведување на демократски практики при донесување на конгресните одлуки. Секако дека оваа можност ја користам за низа разговори со највисоки претставници на ЕПП и партиите членки, за што подетално ќе информирам после завршување на Конгресот во текот на утрешниот ден. Темата секако е европската агенда на РМ и ВМРО ДПМНЕ, изјави Богојески, а повеќе детали најави за денес.

Професорот Самоил Малчевски во своето вечерашно гостување во емисијата Само Вистина на Канал 5 телевизија рече дека не може да постои феномен „паралелна делегација“ на конгресот на Европската Народна партија.

Имено, тој посочи дека фактичката состојба е дека ВМРО-ДПМНЕ ја претставува само една делегација на конгресот на ЕПП, предводена од претседателот на партијата Христијан Мицкоски која има право на глас и присуство на официјалниот дел од конгресот.

Додека на неофицијалниот дел како што се форуми, дискусии, дебати, панел дискусии може да присуствува било кој со уредно доставено барање испратено по меил.

Малчевски напомена дека и тој во минатото иако бил само обичен член на ВМРО-ДПМНЕ присуствувал на еден од конгресите на ЕПП.

-Фактичката состојба е дека ВМРО-ДПМНЕ ја претставува делегација и присуствува на официјалниот дел конгресот на Европската Народна партија, која што ја предводи Мицкоски, Николоски мислам дека во нејзе се и Ѓорчев и Тимчо Муцунски. И тие се единствените четворица кои што имаат право на глас на конгресот на Европска Народна Партија. Што е нечија желба? Нечија желба е да биде некаква си делегација и според мои информации, знаете како сите тие настани имаат официјален дел и неофицијален дел. Неофицијалниот дел се форуми, дискусии, дебати, панел дискусии во кои што е отворен дел. Оние неколку имиња кои што вчера се појавија во јавност кои што мислам дека сами си пуштаат информации дека се некаква си делегација. Апсолутно не е точно, затоа што официјална делегација е делегацијата која што ја предводи Мицкоски со право на глас и право да присуствува на официјалните настани. На оние настани на кои што се носат одлуки. А на настаните кои што се отворени за другите можеме и јас и вие на следниот конгрес на ЕПП да пратиме меил, да замолиме да ни дадат акредитација, чисто да присуствуваме на тие панел дискусии, на тие работни средби, истакна Малчевски.

Покрај Богојески, медиуми претходно објавија дека од ЕПП биле поканети уште и Митко Јанчев и Костадин Богданов, исто така разрешени функционери од ВМРО-ДПМНЕ, но засега нема потврда дека тие се во Хелсинки.

Слично

Поврзани вести