Салиу: Обвинението против мене за „Пулс“ е монтирано и поради политички игри
До денот на пожарот во „Пулс“, поминале 9 години од завршувањето на мојот мандат, а по мене, функцијата во ДЗС ја имале тројца други директори. Обвинението ме товари како поранешен директор кој 9 години нема никаква фактичка или правна врска со институцијата, рече министерот без ресор и поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу, обвинет за пожарот во „Пулс“.
„Обвинет сум дека сум сторил киривчно дело со опис кој се темели на претпоставки, а не на докази, со обвинение поднесено поради притисокот на јавноста и задкулисни политички игри и монтажа без основа. Ќе докажеме дека обвинението против мене е неосновано. Обвинението изградено на прептоставки „можел да знае, требал да знае, можеби, имал обврска и слично“. Правно е недозволено и некоректно обвинението да се заснова на претпоставки. Обвинителниот акт се заснова на набројување на сите општи кривично-правни поими и институти изведени од општиот дел на кривичниот закон и ставени во врска со одбрани нормативни одредби од закони од управна природа, прикажани во наводно непостапување, непостапување, со што со останатите директори сум предизвикал пожар во кабарето „Пулс“ во Кочани“, вели Салиу.
Обвини дека Јавниот обвинител направил преседан, дека директорот на Државниот пазарен инспекторат нема вина, а директорите на ДЗС имаат вина.
„Обвинет сум за евентуална умисла, дека јас уште од 2012 до 2017 година сум бил свесен и сум знаел дека ќе се случи настанот на 16 март 2025 година. Ова не можела ни баба Ванѓа да го предвиди, а камо ли јас. Почитуван суде, останува на вас да веруваме во неселективна правда“, рече тој.
