Сали за реконструкцијата: „Вреди“ добива 6 ресори
Коалицијата „Вреди“ ќе раководи со вкупно шест министерства по најавената владина реконструкција.
Се работи за ресорите за животна средина, економија, правда, евроинтеграции, култура и односи меѓу заедниците, со кои во иднина ќе управува овој коалициски партнер.
Како што изјави денеска Беким Сали од „Вреди“, актуелен вицепремиер и министер за европски прашања, Министерството за здравство не е дел од овој пакет.
Две нови имиња ќе има во Министерството за култура и Министерството правда, но се уште не е дефинирано кои ќе бидат тие.
„Уште нема финално име за правда и култура, тоа ќе бидат две нови имиња. Актуелните министри мислам дека перформираат добро во Владата, задоволни сме како „Вреди“ и ќе продолжат понатаму. Здравство не е дел од пакетот, не е од нашите“, истакна Сали.
Тој појасни дека разговорите во рамки на мнозинството се во тек, но позициите за шесте наведени министерства се веќе фиксни.
фото Фејсбук/Беким Сали
