Сали со конечна бројка: 320 медицински лица на прелиминарна листа за помош во Турција
Беким Сали, министерот за здравство, доцна попладнево на социјалните мрежи изнесе информација дека вкупно 320 здравствени работници се пријавиле доброволно за помагање по разорниот земјотрес во Турција.
„Ви благодариме за вашиот интерес да помогнете со последиците од земјотресот во Турција. Досега имаме добиено над 320 апликации од различни медицински профили.
Ве известуваме дека вашите податоци се примени и сега сте на прелиминарната листа. Кога ќе добиеме потврда од теренот дали и кога ќе бидете вклучени, ќе ве известиме во догледно време со дополнителни информации во врска со патувањето и сместувањето. Уште еднаш, ви благодариме за интересот и поддршката“, објави министерот.
Претходно Сали денеска пред медиумите рече дека од Центарот за управување со кризи дополнително треба да искомуницираат со турските власти за да ги известат за човечките и материјалните капацитети кои ние како држава би можеле да им ги ставиме на располагање. „Во понуда ги ставивме и двете комбиња кои се специјализирани за интензивна нега кои ги добивме како донација за Педијатриската клиника. Тие комбиња кои се специјализирани со два комплетирани тима од доктор, шофер и сестра се спремни да заминат до погодените места. Има список на лекови кој ние го обезбедивме преку компании донтори и тие ги ставаме на располагање па турските власти ќе одобрат за што имаат потреба за ние да ги пуштиме“, објасни министерот. Прашан кога се очекува да тргнат првите медицински тимови, тој рече дека се уште точно не се знае бидејќи мора да се испочитуваат сите протоколи за комуникација преку ЦУК и НАТО канали на комуникација со Центарот за управување со кризи на Турција. „Чекаме одговор кога тие ќе кажат што конкретно им треба за ние да тргнеме. Ние сме спремни“, додаде Сали.
