Економија, финансии, бизнис

Контакт

Сакаме да го сочуваме македонскиот јазик: Тони Стојановски, првиот човек на „Арена спорт“ која ќе го емитува Светското првенство во фудбал

Сакаме да го сочуваме македонскиот јазик: Тони Стојановски, првиот човек на „Арена спорт“ која ќе го емитува Светското првенство во фудбал

Големата спортска револуција во македонскиот етер. Новата регионална телевизија „Арена спорт Македонија“ официјално ќе почне да емитува програма во живо на 11-ти јуни во 19:30 часот (утре). Почетокот е повеќе од спектакуларен - специјална емисија посветена на Светското првенство во фудбал, а потоа, од 21:00 часот следува и првиот директен пренос од отворањето на шампионатот и натпреварот меѓу Мексико и Јужна Африка. Сите содржини на трите нови канали (Арена М1, М2 и М3 Премиум) ќе бидат целосно локализирани и емитувани на македонски јазик.

Главен и одговорен уредник на овој моќен медиумски проект, е Тони Стојановски, еден од највпечатливите и најсаканите гласови во историјата на македонското спортско новинарство. Човекот со беспрекорна 28-годишна кариера, која се ковеше низ легендарните студија на Македонското радио, А1 телевизија и јавниот сервис МТВ, сега ја предводи новата ера во спортските преноси кај нас. Неговиот препознатлив новинарски авторитет, педантната подготовка и култната коментаторска емоција се гаранција за проект кој, покрај врвната забава, има за цел да го зачува и афирмира македонскиот јазик во регионалниот медиумски простор, пренесува Женски магазин.

ЖМ: Честитки за почетокот на „Арена спорт Македонија“! Дали повторно „душата се радува затоа што има зошто душа да е“?

-Да, да, навистина се радува. Во професионална смисла, секоја моја досегашна промена носеше голем, значаен чекор напред во кариерата. Прво во МРТ, поточно во Македонското радио, па во А1 телевизија, па во МРТ , но во Македонската телевизија, сè беше исчекор којшто ми овозможуваше да одам горе на скалата и да доживувам задоволство. Во радиото научив новинарство, во А1 луѓето почнаа да ми го препознаат ликот, а во МТВ дојде преносот со „душата се радува затоа што има зошто душа да е“ и со него популарноста што излегува од рамки на вообичаена средина за спортски новинар. Но, иако не сакам премногу да зборувам за тоа, ќе споделам со вашите читатели дека по 28 годишна работа се надевав на помирен период. Сепак, плановите некогаш не се исполнуваат, не поради лошо, туку напротив, поради добро. Јас така го доживувам овој нов проект.

ЖМ: Процесот на премин од јавен сервис во регионална спортска телевизија како „Арена спорт“ е предизвик, мотивација и одговорност. Како го поминавте и која е вашата нова работна улога?

-Искрено, не размислував премногу. Во оваа бранша, во Македонија, ваква понуда не се одбива. Колку и да трае, овој мој премин е вистинскиот пат, не се сомневам. Инаку, јас сум главен и одговорен уредник на „Арена спорт Македонија“. Во еден период од 4,5 години бев уредник на спортската програма на МТВ, така што во некаква паралела, оваа позиција е повисок чин. Но, јас сум првиот вработен во овдешната фирма, од прв ден учествував во подготовките, па затоа улогата не ми е само уредничка или новинарска. Што би рекол еден лик од серијата „Бостонско право“, Дени Крејн: „моето име сè уште е на вратата“ (се смее).

ЖМ:Кажете ни нешто повеќе за „Арена спорт Македонија“?

-Ние сме дел од регионалната телевизија „Арена спорт“ којашто емитува програма во сите држави на поранешна Југославија. Претходно, телевизиски центри на „Арена спорт“ беа формирани во Белград, во Љубљана, во Загреб и во Сараево, така што ние сме петтата регионална постојка на патот до врвните спортски настани. „Арена спорт“ не е непознаница за македонската публика. Ние и досега ги гледавме каналите на коишто беа прикажувани најатрактивните спортски настани. Така ќе биде и отсега, со забелешка дека во овој случај ќе има и канали на македонски јазик, односно програмата ќе биде локализирана.

ЖМ:Од кога почнува емитувањето на „Арена спорт“ на македонски јазик?

-Веќе оди емитувањето на експерименталната програма, а првото емитување во живо е в утре, на 11-ти јуни, во 19 часот и 30 минути. Тогаш ќе почне емисијата посветена на Светското првенство во фудбал, а од 21 часот е првиот судиски свиреж за натпреварот Мексико-Јужна Африка, првиот од вкупно 104 на збогатениот шампионат.

ЖМ:Каква ќе биде уредувачката политика?

-„Арена спорт“ е телевизија којашто се емитува на различни јазици. Отттука, ние имаме права да емитуваме сè што го поседува компанијата како производ за територијата на Македонија. Значи, ќе ги прикажеме најзначајните спортски настани: светски, европски првенства во најгледаните спортови кај нас, натпреварите во елитните клупски конкуренции како Лигата на шампионите, северноамериканските професионални лиги, со еден збор, или со една реченица, речиси сè што нашата публика сака да гледа. 

ЖМ:Како ќе изгледа македонската приказна на „Арена“? Дали ќе ги прикажувате македонските репрезентации и клубови?

-Да, се разбира. „Арена спорт“ ги има правата за преноси на сите натпревари на македонската фудбалска репрезентација, најголемите ракометни настани на коишто ние играме постојано, ја има Европската лига на ЦЕВ, па веќе од петок до недела ќе имаме четири одбојкарски преноси на националните тимови. Ќе ја пренесуваме Лигата на шампионите и Европската лига во ракомет, како и сите меѓународни средби на нашите екипи. На нашите канали ќе одат и сите мечеви во Првата македонска фудбалска лига. Без разлика што „Арена спорт“ е регионална телевизија, локализацијата на програмата на македонски јазик нужно значи дека на нашите програми ќе прикажуваме настани коишто првенствено се наш интерес, значи, македнскиот спорт и националните селекции.

Разговорот продолжува на Женски магазин....

Слично

Поврзани вести