САКАЈЌИ ДА ИМ НАПРАВИ ДОБРО, ДРЖАВАТА МОЖЕ ДА ИМ НАШТЕТИ НА ПАЗАРЏИИТЕ - тие не сакаат да одмараат, туку да заработат нешто во недела
Сакајќи да им направи добро и да ги ослободи од работењето во недела, државата може да им предизвика големи штети.
Пазарџиите не прифаќаат недела да биде неработен ден за пазарите. Тие велат дека токму недела граѓаните најмногу го користат како ден за пазар, па затоа оваа мерка серизно може да им го намали прометот и приходите.
Како што е познато, измените на Законот за работни односи кои наскоро ќе влезат во собраниска процедура, а со кои недела ќе биде неработен ден, забрануваат работа во недела и на зелените пазари. Тие не се помеѓу 39-те дејности кои се исклучок од оваа новина.
Пазарџиите се револтирани.
Од Групацијата на пазари при Стопанска комора сметаат дека тоа што пазарите се испуштени во исклучоците од работа во недела е ненамерен пропуст на предлагачот на законот. Во спротивно, велат, штета ќе претрпат 30тина илјади граѓани кои живеат од продажба на пазарите.
Доколку Министерството за труд не се предомисли и не ги исклучи пазарите од измената на законот, и пазарџиите, но и компаниите кои стопанисуваат со пазарите најавуваат протести.
