Сахарска прашина и врнежи над Македонија, можен е и „нечист“ дожд
Нова промена на времето се очекува во Македонија од денеска и во текот на наредните денови, под влијание на атмосферски фронт кој се спушта кон Балканот преку алпскиот регион.
Според најавите, до крајот на неделата времето ќе биде променливо облачно, со повремени врнежи од дожд, кои на места ќе имаат променлив интензитет. Повеќе врнежи се очекуваат утре, кога во делови од земјата дождот може да биде пообилен.
Локално се најавува и нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. На одредени места има услови за краткотрајно невреме, проследено со силен ветер, електрични празнења, а можна е и појава на град.
Покрај врнежите, кон Македонија се движи и сахарска прашина, поради што атмосферата може да биде заматена. Во комбинација со дождот, тоа може да донесе таканаречен „нечист“ дожд, односно врнежи кои оставаат траги од прашина на возила, прозорци и други површини.
