„SAFE CITY FAILED“: Граѓани добиле пораки кои воопшто не се однесуваат за нив, адвокатите предупредуваат
Адвокатот Арбен Мемети на социјалните мрежи предупреди дека МВР прави сериозни пропусти затоа што пораки со опомени во рамки на проектот Безбеден град, добиле граѓани на кои воопшто пораките не се однесуваат.
„Safe city failed!
Денес неколку лица ме исконтактираа да побараат правен совет во врска со пораките (опомени) кои ги добиле од МВР, а кои воопшто не се однесуваат на нив. Во пораките биле наведени туѓи лични податоци – име, презиме, ЕМБГ, број на лична карта – што претставува сериозен пропуст на надлежниот орган.
Со ваквата неажурност и неточност на податоците, МВР директно ги прекрши одредбите од Законот за заштита на личните податоци. Доставувањето пораки со туѓи чувствителни податоци не е само грешка, туку системски ризик кој го нарушува правото на приватност и безбедност на граѓаните.
Дополнително, ваквите пропусти отвораат сериозна дилема - како во иднина ќе бидат сигурно и точно доставувани казните до вистинските сторители на прекршоците?
Ако системот денес испраќа известувања со туѓи податоци, како може јавноста да има доверба дека налозите за прекршоци ќе стигнат до точниот адресат, а не до сосема друго лице?
Ова предизвикува оправдан страв дека ќе се појават погрешни казни, правни недоразбирања и неоправдана одговорност за лица кои немаат никаква поврзаност со сторениот прекршок.
Особено е значајно и тоа што МВР мора да воспостави јасни механизми за обезбедување и ажурирање на контакт-податоците (телефонски број и е-маил адреса) на возачите и сопствениците на возилата. Во пракса, при регистрација на возило службениците ретко бараат вакви информации, што доведува до несоодветна комуникација, неможност за уредно доставување известувања и создавање дополнителни забуни и правни последици.
Потребна е:
– итна проверка на системот,
– утврдување на причините за пропустите,
– корекција на неажурните податоци и
– воспоставување на безбедни процедури за собирање и обработка на личните податоци.
Граѓаните имаат право на точни, доверливи и безбедни информации, а институциите имаат обврска тоа да го гарантираат!“, пишува тој.
Слично
