САД ЗА ИЗБОРОТ НА ИСЛАМ АБАЗИ: Резултатите ги сметаме за збунувачки
Амбасадата на САД е збунета од изборот на Ислам Абази за шеф на обвинителството за гонење на организиран криминал, а обвинителката Фатиме Фетаи пак се повлече од трката за виш јавен обвинител.
Амбасадорката Анџела Агелер е незадоволна од изборот на Абази за прв човек на Обвинителството кое гони криминал и корупција.
„Ние, во Амбасадата на САД, секако дека резултатите ги сметаме за збунувачки, особено откако во изминатите години потрошивме милиони долари на обука на обвинители и други во правосудниот систем. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат независен правосуден сектор во кој позициите се пополнуваат по заслуга и квалитет (по мерит), низ транспарентни процеси, без разлика дали се во обвинителство, судство или која било друга јавна институција. Политичкото мешање нема место во овие постапки. Оние што би се вмешале преку вршење притисок, закани или коруптивни зделки на ‘мала врата’ треба да бидат повикани на одговорност од граѓаните“, пишува Агелер за „360 степени“.
Инаку, Абази кажа дека не е член на политичка партија, но потоа се појавија фотографии на кои тој е со челници на ДУИ. Инаку, тој е од селото Зајас, од каде потекува и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.