САД ќе ја зголеми трговијата со Македонија по разочарувањето со ЕУ
САД најавува зголемување на трговската размена со Македонија, по блокадата од Бугарија за почеток на преговорите со ЕУ. Ваквото сценарио следува по изјавата на претседателот Стево Пендаровски дека по разочарувањето што ни го приреди Брисел, треба да го обновиме стратешкото партнерство со Вашингтон како алтернатива, пренесува Гласот на Америка.
САД се посветени да ги зголемат трговијата и инвестициските врски со Северна Македонија, изјавил за Гласот на Америка портпарол на Стејт департментот, одговарајќи на прашањето дали би се формирале работни групи за продлабочување на економските односи меѓу двете држави.
„Северна Македонија е цврст сојузник, партнер и пријател на САД. Работиме заедно на разни заеднички цели и приоритети, вклучувајќи демократизација, антикорупција, промоција на владеење на правото, европската безбедност и енергетска разновидност. Ние, исто така, заеднички сме посветени на зголемување на трговијата и инвестициските врски“, рекол портпаролот.
Пендаровски по исходот на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ минатата недела рече дека во услови кога проширувањето на Европската Унија е замрзнато, државата има две опции - да ја донесе Европа дома, како и да го обнови стратешкото партнерство со САД.
Декларацијата за стратешко партнерство и соработка меѓу двете држави за зголемување и продлабочување на блиското партнерство засновано на заеднички цели, интереси и вредности со САД е потпишано во 2008. САД се заложија да ги поддржуваат безбедноста, стабилноста и економскиот развој на Македонија и да се изградат поцврсти односи меѓу граѓаните, како и да преземат практични мерки за промоција на образовната и културната размена.
