САД ГИ ОДБИВА ВИЗИТЕ ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ГЛАВНО ПОРАДИ ЛОШИТЕ АПЛИКАЦИИ - се огласи МНР, почнале процес за безвизен режим за земјава
По информацијата дека САД одбиле над 26 отсто од македонските државјани за виза за таа земја, се огласи Министерството за надворешни работи.
„Во врска со објавените податоци од страна на Стејт департментот дека процентот на одбиени визи за Северна Македонија во 2022 година изнесувал 26,29 oтсто, информираме дека Министерството за надворешни работи започна процес за присоединување на земјава кон Програмата за САД за безвизен режим (Visa Waiver Program). Имено, со одлука на Влада, формирана е меѓуресорска работна група предводена од Министерството за надворешни работи, која се состои од претставници и на други релевантни институции кои работат на исполнување на условите за воспоставување безвизен режим со САД. Условите се однесуваат на различни области, но еден од клучните е процентот на одбиени визи да изнесува најмногу 3 отсто“, се вели во соопштението од МНР.
Во тој контекст, како што нагласуваат од министерството на Бујар Османи, високиот процент на одбиени визи од безмалку 30 отсто се должи на несоодветните апликации, за што планираат наскоро да почнат кампања за едуцирање на граѓаните за процесот на аплицирање и условите кои треба да бидат исполнети, со цел добивање виза за САД.
„Процесот на укинување визи за влез на државјаните на Северна Македонија во САД е долгорочен и комплексен процес, што налага континуирани активности на што посветено работиме. Воедно, приклучувањето на Северна Македонија во Програмата за безвизен режим стана дел од Стратешкиот дијалог со САД и е меѓу проектите во Акцискиот план, што беше усвоен на владина седница во февруари оваа година.
Постигнувањето на оваа цел ќе биде од бенефит за економскиот развој на земјава, а ќе внесе и дополнителен импулс за зајакнување на билатералните односи и стратешкото партнерство, како и доближувањето на народите од двете земји“, се вели во соопштението од МНР.
